Јавниот долг на Северна Македонија повторно станува една од клучните економски теми, откако Владата договори ново задолжување тешко 260 милиони евра. Според проценките и анализите во јавноста, со пресметаните камати овој заем ќе ја чини државата околу 320 милиони евра, а вкупниот јавен долг би можел да се приближи до психолошката граница од 11 милијарди евра.
Оттаму, прашањето што сè погласно се поставува е дали Македонија и натаму има „контролиран“ долг или веќе влегува во зона на хронична зависност од нови кредити.
Официјалните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека јавниот долг во 2023 година изнесувал околу 8,5 милијарди евра, односно нешто над 58 проценти од БДП. Денес, само неколку години подоцна, државата се движи кон 11 милијарди евра долг, што значи раст од речиси 2,5 милијарди евра за релативно краток период.
Затоа пратеникот Битиќи реагираше на намерата законот за задолжување да се донесе по скратена постапка. Според него, тоа е недозволиво бидејќи станува збор за 260 милиони евра, кои заедно со каматите ќе достигнат 320 милиони евра.
„Вие очигледно сте навикнати дека 320 милиони задолжување е ништо, затоа што се задолжувавте и милијарда и милијарда и милијарда, односно за две години 2,5 милијарди, нормално дека ќе барате да биде по скратена постапка“, рече Битиќи за кого, дебатата за Фискалната стратегија (која исто така беше на дневен ред на Комисијата за буџет), пред задолжување е купување на време.
За Битиќи станува збор за драматично зголемување за економија со ограничен раст, слаб индустриски капацитет и висока зависност од увоз, странски инвестиции и дознаки од дијаспората.
Од друга страна, Владата уверува дека новото задолжување е планирано и дека средствата ќе служат за одржување на буџетската ликвидност и сервисирање на постојните обврски. Во Собранието, заменик-министерот за финансии тврдеше дека станува збор за „транспарентна постапка“ и однапред предвидено финансирање.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека Законот за задолжување кај странските банки, кој што влезе во собраниска процедура, Министерството за финансии испрати барање до 14 банки, од кои понуда дадоа осум. А каматните услови, кои се добиени за кредитот, биле многу подобри во споредба со земјите од регинот, што значи дека Министерството за финансии обезбедило конкурентно финансирање.
„Во согласност со буџетот кој беше донесен за 2026 година, јасно беше наведено дека имаме план за задолжување од 1 милијарда и 300 милиони евра на странски пазар, од кои 1 милијарда евра издавање на еврообврзница, што и го направивме на почетокот на годината, а преостанатите до 300 милиони евра дополнително исто така на надворешен пазар. Во тој процес добивме понуди од осум банки и најповолната понуда е со каматна стапка пониска од онаа што моментно ја има обврзницата што се тргува на секундарниот пазар“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Но критичарите предупредуваат дека токму потребата државата постојано да зема нови кредити за враќање стари долгови е симптом на структурен проблем, а не на стабилност.
Дополнителна дилема отвора и цената на задолжувањето. Во услови кога каматните стапки на меѓународните пазари остануваат релативно високи, секое ново задолжување значи и повисок трошок за идните генерации.
Анализите во медиумите предупредуваат дека Македонија веќе не се задолжува по условите што ги имаше пред неколку години, кога парите беа значително поевтини. Тоа практично значи дека државата не само што го зголемува долгот, туку расте и цената на неговото одржување.
Дополнително, економистите често потенцираат дека самиот износ на долгот не е единствениот проблем. Поважно е за што се користат позајмените пари. Ако задолжувањето финансира инфраструктура, енергетика, дигитализација или проекти што создаваат економски раст, тогаш долгот може да биде развоен инструмент. Но ако кредитите претежно се користат за тековна потрошувачка, плати, пензии и затворање буџетски дупки, тогаш економијата влегува во циклус на „преживување со кредити“.
Но, тоа не е јасно од образложението на Министерството за финансии за немената на новото задолжување. Според МФ, средствата од заемот од членот 1 од овој закон се наменети за општи буџетски потреби, вклучително и за финансирање на капитални расходи и рефинансирање на обврски утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија и Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, се вели во образложението на законот за задолжување.
Токму тука лежи најголемата дилема околу македонскиот модел на задолжување. Во изминатите години, државата паралелно се соочува со раст на јавната администрација, високи социјални расходи, субвенции и политички притисоци за зголемување на платите. Истовремено, економскиот раст останува умерен и недоволен за драматично намалување на соодносот долг-БДП.
Иако Македонија сè уште е под просекот на некои европски земји според процентот на јавен долг, клучната разлика е што развиените економии имаат многу посилен производствен капацитет и повисока способност за отплата.
Во јавноста сè почесто се појавува и аргументот дека Македонија постепено влегува во „должничка спирала“ – ситуација во која новите кредити служат главно за враќање на старите. Дел од опозициските критики веќе одат во таа насока, со тврдења дека и меѓународните банки стануваат повнимателни кон македонските финансии.
Засега нема сигнали за непосредна должничка криза. Македонија редовно ги сервисира обврските, денарот останува стабилен, а меѓународните финансиски институции сè уште ја сметаат земјата за кредитоспособна. Но растот на долгот отвора едно многу поважно прашање: колку долго може државата да одржува економски модел базиран на постојано задолжување, без суштински пресврт во продуктивноста и економскиот раст?
Одговорот веројатно нема да зависи само од висината на долгот, туку од тоа дали Македонија конечно ќе почне да создава економија што генерира доволно вредност за сама да го носи товарот на сопствените кредити.
