Грција во Македонија гледа дестабилизирачки потенцијал со регионални импликации

Грција
Фото: Фисник Џелили, Порталб, Преземено од Мета.мк

Грција гледа дестабилизирачки потенцијал со регионални импликации во актуелните меѓуетнички односи во Македонија.

Ова произлегува од погледот на грчкиот медиум Катимерини на настаните во Македонија поврзани со протестите на албанската заедница за полагањето на правосудниот испит.

Во пролетта 2001 година, потсетува авторот на текстот, за прв пат во тогашната поранешна југословенска Република Македонија, сега Северна Македонија, беа слушнати слогани во поддршка на Националната ослободителна армија (ОНА), или УЧК. За време на собирот на илјадници Албанци во Тетово, одржан во поддршка на слободното работење на тогаш нелегалниот универзитет на албански јазик, демонстрантите изразија поддршка за вооружена борба насочена кон обезбедување еднакво признавање на албанското население (25-28% од земјата) во рамките на државните институции. Додека плоштадот одекнуваше со слогани, од блиските падини на Шар Планина се слушаше огнено оружје.

Истрелите беа испукани од вооружени групи поврзани со УЧК, кои – по моделот на Косово – веќе беа формирани тајно во планинските области над Тетово, со цел унапредување на правата на Албанците преку вооружен отпор.

Следеа насилни вооружени судири, кои на крајот завршија по интервенцијата на меѓународната заедница. Ова доведе, во септември истата година, до потпишување на Охридскиот рамковен договор, со кој на албанската заедница ѝ беа доделени голем број клучни отстапки.

Иако тензиите се намалија, етничките поделби и недовербата, како што се гледаат на други места на Балканот, не исчезнаа. Поделбата меѓу двете главни заедници остана во голема мера неактивна 25 години, но сега почнува повторно да се појавува.

Неодамна, повторно се слушнаа слогани во поддршка на УЧК – овој пат во центарот на Скопјe – оживувајќи длабоко болни спомени.

По овој повод, Албанците излегоа на улиците, повикувајќи се на настаните од 2001 година и барајќи правосудниот испит за дипломираните студенти Албанци на правните факултети да се спроведува на нивниот мајчин јазик (барање што не е предвидено со Рамковниот договор од Охрид).

Имено, стотици учесници пристигнаа со автобус од Тирана и Косово, давајќи му на протестот поширока паналбанска димензија и привлекувајќи внимание и загриженост во соседните балкански престолнини, во Брисел и меѓу регионалните аналитичари.

Александар Србиновски, новинар и аналитичар од Северна Македонија, пишувајќи во Време, предупреди дека: „Тоа повеќе не е внатрешно студентско прашање, тоа е координиран политички притисок што ги преминува нашите граници и секој што сериозно ја следи геополитиката на регионот мора јасно да го види тоа“.

Историската поделба меѓу Албанците и Славо-Македонците, како што во Грција го именуваат македонскиот народ, долго време придонесуваше за нестабилност уште од основањето на она што сега е Северна Македонија во 1991 година, клучна земја во балканските геополитички рамнотежи.

Подемот на националистичко-популистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со обновеното доведување во прашање на договорите со соседните земји (Бугарија и Грција) и внатрешните договори со албанската заедница – врз кои се темели сегашната мултиетничка рамка на земјата – создава потенцијално дестабилизирачки услови со пошироки регионални импликации.

Најчитано