EУ и Западен Балкан во Тиват: Проширувањето во судир со балканската реалност на нерешени спорови, корупција и политичка поларизација

Тиват

Денеска во Тиват ќе се одржи Самитот ЕУ – Западен Балкан, еден од најважните регионални политички настани во последните години. Домаќин е Црна Гора, а учество ќе земат лидерите на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, како и високата претставничка за надворешна политика Каја Калас.

Темата на самитот е „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, но вистинската тема ќе биде проширувањето. По години на застој, Брисел се обидува да испрати порака дека членството во ЕУ повторно е реална перспектива. Антонио Кошта непосредно пред самитот порача дека „моментумот е тука“ и дека ЕУ останува целосно посветена на интеграцијата на регионот.

Каква порака доаѓа од ЕУ?

Главната порака на европските лидери е дека проширувањето повеќе не е само политичка реторика, туку стратешка потреба на Унијата во услови на војната во Украина, руското влијание на Балканот и растечкото присуство на Кина. ЕУ сака регионот постепено да се интегрира уште пред формалното членство преку Планот за раст, пристап до делови од единствениот пазар и поголеми инвестиции.

Но Брисел доаѓа и со предупредување: нема брзи патишта. Реформите во владеење на правото, борбата против корупцијата и усогласувањето со европската надворешна политика остануваат клучни услови. Во ЕУ веќе се разговара и за нови механизми кои би спречиле идни членки да го блокираат функционирањето на Унијата по приемот.

Црна Гора: Најблиску до целта

За домаќинот на самитот ова е историски момент. Црна Гора е убедливо најнапредниот кандидат во регионот и веќе започна подготовка на пристапниот договор со ЕУ. Во Брисел сè почесто се споменува 2028 година како реална цел за членство.

Пораката што ќе ја испрати премиерот Милојко Спајиќ ќе биде дека Црна Гора сака да стане доказ дека политиката на проширување функционира. За ЕУ, пак, Подгорица е потенцијалната „приказна за успех“ која треба да ја врати довербата во европската перспектива на Балканот.

Северна Македонија: Фрустрација по две децении чекање

Северна Македонија на самитот доаѓа со веќе познатиот услов за гаранции од Брисел дека единствениот узлов за старт на преговорите, уставните измени за внесување на Бугарите и другите национални заедници – ќе биде и последен.

Патот на Македонија, кој го избра актуелната македонска влада се соочува и со еден парадокс. Додека Скопје гледа кон Евроспската Комисија во потрага кон решение, Софија го искористи тој став за да наметне теза дека спорот е европски, додека, пак, Брисел упорно останува на позицијата дека тоа е билатерален спор и дека треба да си го решат двете земји.

Забетпнираните позиции и во Скопје и во Софија, сега засега, го прават ова прашање без решение.

Сето тоа оди во прилог на актуелната власт во Македонија која го „злоупотребува“ фактот дека земјата останува кандидат со најдолга историја на чекање меѓу државите од регионот. По спорот со Грција и блокадите од Бугарија, во Скопје расте чувството дека земјата направила повеќе отстапки од која било друга кандидатка, а добила малку конкретен напредок.

Мицкоски

Пораката на којашто ќе инсистира македонската делегација е дека кредибилитетот на ЕУ зависи и од исполнувањето на ветувањата кон земјите кои ги спровеле реформите. За Брисел, пак, Северна Македонија останува тест за способноста Унијата да ги надмине билатералните спорови во процесот на проширување.

Србија: Главниот предизвик за Брисел

Најсложениот разговор ќе биде со Александар Вучиќ. Србија формално преговара за членство, но истовремено одржува блиски односи со Русија и Кина. Во ЕУ постои растечко незадоволство поради недоволното усогласување на Белград со европската надворешна политика.

Вучиќ

Вучиќ во Тиват доаѓа со намера да покаже дека Србија останува клучна држава на Балканот и незаменлив фактор за регионалната стабилност. Од европска перспектива, пак, прашањето ќе биде дали Србија е подготвена стратешки да избере меѓу Брисел и алтернативните центри на моќ.

Косово: Борба за рамноправно место

Косово ќе настапи со јасна цел – да добие посилна европска политичка поддршка и забрзување на интегративните процеси. Но неговата позиција останува отежната поради тоа што пет членки на ЕУ сè уште не ја признаваат косовската независност.

За Приштина, самитот е можност да покаже дека европската перспектива не смее да биде заложник на нерешениот спор со Србија. За ЕУ, пак, напредокот на Косово останува директно поврзан со дијалогот Белград–Приштина.

Босна и Херцеговина: Најголемиот ризик за стабилноста

Босна и Херцеговина доаѓа на самитот со најголемите внатрешни политички проблеми во регионот. Европските претставници во последните недели јавно предупредуваат дека етничките поделби и институционалната блокада го забавуваат европскиот пат на земјата.

Пораката од Брисел е дека Босна мора да покаже функционалност на институциите ако сака да напредува кон членство. Во спротивно, ризикува дополнително да заостане зад останатите кандидати.

Албанија: Новиот фаворит на проширувањето

Албанија во моментов е меѓу најпофалуваните кандидати во Брисел. Заедно со Црна Гора, таа се смета за земја која покажува најголем напредок во реформите.

Премиерот Еди Рама најверојатно ќе настапи со порака дека Албанија е подготвена за следната фаза на преговорите и дека регионот не треба да биде третиран како периферија, туку како идно јадро на европската безбедносна архитектура.

Што навистина ќе се одлучува во Тиват?

Самитот нема да донесе конкретни одлуки за нови членства. Но неговото значење е политичко и симболично. По првпат по долго време, ЕУ се обидува да покаже дека проширувањето е повторно на агендата и дека Балканот не е оставен на маргините на европската политика.

Прашањето што останува отворено е дали лидерите на регионот ќе ја искористат новата можност. Во Тиват ќе се судрат две реалности: европската потреба за проширување и балканската реалност на нерешени спорови, корупција и политичка поларизација. Од исходот на тој судир ќе зависи дали самитот ќе биде запаметен како почеток на нова фаза на интеграција или како уште една средба исполнета со убави зборови и малку конкретни резултати.

Најчитано