МВР не ги очекуваше гужвите на Табановце – Тошковски бил изненаден

Тошковски најави внатрешна истрага за постапувањето на МВР за случајот со Росица

Гужвите на Табановце ги изненадиле надлежните во МВР во првиот ден од механизмот за санкционирање странски возачи чии прекршоци ги регистрирал системот „Безбеден град“, призна министерот Панче Тошковски. Новата постапка на излез од Македонија предизвика долги колони бидејќи Министерството, според неговата изјава, не очекувало толкав сообраќаен интензитет.

Механизмот почна да се применува на 19 август. На странските возачи со евидентиран прекршок им се издаваат записник и прекршочен платен налог при напуштањето на државата, а во првичната постапка беа опфатени и прекршоците регистрирани пред стартот на контролата.

МВР тогаш објасни дека токму обработката на претходно евидентираните прекршоци го зголемила бројот на возила што морале да поминат низ дополнителна постапка. Тоа отвора прашање зошто ваквото оптоварување не било предвидено пред активирањето на механизмот, особено ако опфатот на постарите прекршоци бил однапред познат.

По метежот, Министерството воведе апликација „Безбеден град“ за странски возила. Преку неа возачите можат да проверат дали имаат евидентиран прекршок и електронски да ја платат глобата. На 22 август МВР соопшти дека сообраќајот на Табановце е нормализиран и дека преминот повторно функционира без поголеми задржувања.

Застојот се случи и покрај тоа што на преминот Табановце–Прешево од јули 2025 година функционира систем на заедничка гранична контрола, промовиран како решение за побрз проток на патници и возила. Овојпат тесното грло не беше редовната контрола, туку дополнителната постапка за наплата на сообраќајните казни.

МВР најави дека механизмот за странските возила постепено ќе се проширува и на другите гранични премини. Од досега објавените информации не е познато какви оперативни промени ќе бидат направени пред проширувањето за да не се повторат колоните од Табановце.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?