Речиси седум од десет анкетирани студенти сметаат дека предложените 4.500 денари месечно за субвенциониран студентски оброк се недоволни или дека износот треба да биде повисок, додека само 2,7 отсто го претпочитаат најавениот систем со дигитални ваучери.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата на „Студентарија“, спроведена од 15 до 22 ноември, во која 9.935 испитаници ги споделиле своите ставови за постојниот и предложениот нов модел на субвенциониран студентски оброк.
Резултатите покажуваат дека студентите бараат повисока финансиска поддршка, но истовремено имаат значителни резерви кон дел од најавените промени.
Парите се најголемиот проблем, а не начинот на плаќање
Дури 89,7 отсто од испитаниците го посочуваат нискиот дневен износ од 140 денари како недостаток на постојниот модел. Неможноста за пренесување на неискористените средства во следната седмица е проблем за 48,3 отсто, додека проблеми при плаќањето со банкарската картичка пријавиле само 4,5 отсто.
На прашањето дали предложените 4.500 денари месечно се доволни за покривање на дел од трошоците за исхрана, 54,3 отсто одговориле дека износот е делумно доволен, но треба да биде повисок, а дополнителни 13,5 отсто сметаат дека е премногу низок.
Само 27,7 отсто сметаат дека предложениот износ е доволен.
Над 7.000 испитаници ја избираат банкарската картичка, само 269 дигиталните ваучери
Сегашниот модел на користење на субвенцијата преку банкарска картичка го претпочитаат 7.039 испитаници, односно 70,9 отсто. За новата дигитална апликација со ваучери се изјасниле само 269 испитаници, додека за 24,2 отсто е прифатлив кој било модел, доколку користењето е едноставно.
Дополнителна загриженост предизвикува најавеното ограничување на продажните места каде што ќе може да се користат средствата.
За 45,9 отсто од испитаниците ваквото ограничување е неприфатливо, додека за 46,6 отсто прифатливоста зависи од тоа колку широка ќе биде листата на вклучени објекти. Само 7,5 отсто го прифаќаат ограничувањето без дополнителни услови.
Овој податок е особено значаен ако се земе предвид дека 92,8 отсто од анкетираните ги користат средствата од студентскиот оброк во супермаркети и слични продавници.
Новиот модел засега нема мнозинска поддршка
Врз основа на досега објавените информации, новиот модел го поддржуваат 28,3 отсто од испитаниците, а 29,1 отсто се против. Најголемата група, односно 42,6 отсто, нема доволно информации за да донесе одлука.
За предложената месечна исплата се изјасниле 51,9 отсто, додека 41,3 отсто претпочитаат да се задржи сегашната неделна исплата.
Истовремено, 62,3 отсто сметаат дека и по најавеното зголемување треба да остане законската обврска за годишно усогласување на износот со инфлацијата.
Шест барања до МОН
Врз основа на резултатите, „Студентарија“ упатува шест препораки и барања до Министерството за образование и наука:
- Преиспитување на предложениот износ од 4.500 денари врз основа на реалните трошоци за исхрана;
- Задржување на законското усогласување со инфлацијата;
- Образложување на потребата од замена на банкарската картичка;
- Обезбедување достапна мрежа на продажни места, особено во студентските населби и помалите градови;
- Пофлексибилно користење и можност за пренесување на неискористените средства;
- Објавување на целосниот предлог-модел и транспарентни консултации со студентските претставници.
Од „Студентарија“ најавуваат дека резултатите ќе бидат доставени до МОН и до другите надлежни институции, со очекување ставовите на студентите да бидат земени предвид при утврдувањето на конечниот модел.
Анкетата е спроведена онлајн, со доброволно и анонимно учество, a 97,2 отсто од испитаниците се редовни корисници на субвенционираниот студентски оброк.

