Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вториот дел од обраќањето на конгресот на партијата ја насочи критиката кон економската состојба, институциите, правосудството и медиумската слобода, оценувајќи дека граѓаните живеат во услови на високи цени, ниски плати и несигурност.
„Луѓето не живеат од изјави и односи со јавност. Живеат во услови на високи цени, ниски плати и никаква сигурност“, рече Филипче.
Тој посочи дека економските показатели, според него, ја покажуваат реалната состојба во која се наоѓаат граѓаните. Во говорот наведе дека во април годинава трошоците на живот пораснале за 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани, а бројот на вработени во индустријата бил намален за 2,3 проценти на годишно ниво.
„Бројките не се партиска пропаганда. Во април оваа година, трошоците на живот пораснаа за 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани. Во индустријата, бројот на вработени во април е намален за 2,3 проценти на годишно ниво“, рече Филипче.
Во обраќањето, тој ја обвини власта дека нема напредок во правосудството и дека, наместо борба против корупцијата, се обидува да воспостави контрола врз институциите. Според Филипче, обвинителството се користи за политички реваншизам и за напади врз опозицијата.
„Во правосудството нема напредок, напротив власта се обидува да воспостави целосна контрола на овој клучен дел од системот. Не само што не постои борба против корупцијата, туку додека корупцијата цвета, власта го користи обвинителството за реваншизам и напади на опозицијата“, рече Филипче.
Тој се осврна и на состојбата во медиумите, оценувајќи дека слободата на печатот се намалува, а партиската контрола врз медиумскиот простор се зголемува.
„Медиумите се во многу загрижувачка состојба, опаѓа слободата на печатот, се зголемува контролата од партиите на власт. Демократијата замира во оваа наша земја“, порача Филипче.
Во политичкиот дел од говорот, претседателот на СДСМ ја опиша актуелната власт како власт што, според него, произведува несигурност и ја заменува суштинската политика со јавни настапи и комуникациски пораки.
„Тоа е вистинската слика на владеењето денес. Скапотија за граѓаните, самоувереност на власта, празен ПиАр, застој во институциите, контрола на медиумите и конфузија во стратешките прашања“, рече Филипче.
Тој оцени дека е особено опасно кога, како што рече, слабоста на власта се прикрива со националистичка реторика. Според него, политиката не може да се води со инает и изговори, туку со визија и резултати.
„Најлесно е неуспехот да се покрие со врева. Најлесно е тешката реалност да се оттурне со наметнато чувство дека секоја критика е предавство, дека секој разумен предлог е слабост, дека секој повик за храбра одлука е понижување“, рече Филипче.
Во завршниот дел од оваа порака, тој ја повика власта да покаже резултати наместо да се потпира на реторика.
„Држава не се води со инает. Држава се води со визија. Држава не се брани со изговори. Држава се брани со резултати“, порача Филипче.
