Ексклузивно: Вака била координирана блокадата на бугарската монета од 2 евра

Предложената бугарска комеморативна монета од 2 евра во чест на „бугарската азбука“ не била блокирана како изолиран потег на една неименувана земја-членка на ЕУ, туку како резултат на координирана дипломатска реакција на повеќе земји од словенскиот јазичен и културен простор, дознава Рацин.мк од дипломатски извори кои заради посебните ЕУ процедури во оваа ситуација, побараа да останат анонимни и доследно цитирани.
Леон БАКРАЧЕСКИ

Според нашите извори, зад формалниот приговор што го запрел издавањето на монетата во предложената форма стоела поширока консултација меѓу повеќе источноевропски земји, особено од јужнословенското и западнословенското јазично подрачје (Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска). Во процесот, како што тврдат истите извори, биле консултирани и дипломатските мисии на Србија и Македонија, кои остро се спротивставиле на формулацијата со која кирилицата би била претставена како „бугарска азбука“.

Официјално, Советот на ЕУ не го открива идентитетот на земјата што го поднела приговорот, ниту причините за блокадата.

Во документот на Советот, кој беше објавен јавно, се наведува дека писмото за приговор не се објавува јавно поради потребата да се заштити „многу деликатниот процес на донесување одлуки“.

Но, според дипломатските извори на Рацин.мк, не станувало збор само за техничка забелешка за дизајн на монета, туку за суштинско политичко и културно прашање: дали една држава-членка на ЕУ може на заедничка европска валута да го претстави кириличното писмо како исклучиво национално наследство.

„Ова не беше реакција на една земја. Се работеше за координирана реакција на повеќе земји кои сметаат дека формулацијата ‘бугарска азбука’ е проблематична, бидејќи кирилицата е пошироко словенско и европско културно наследство, а не ексклузивна сопственост на една држава“, велат дипломатски извори за Рацин.мк.

Според истите извори, еден од клучните аргументи дошол од Хрватска, од каде било потенцирано дека ваквата формулација може да создаде нова точка на сопнување во Европската Унија во наредната декада, особено во контекст на проширувањето, идентитетските спорови и чувствителноста на историските наративи во регионот.

Хрватскиот аргумент, според дипломатските извори, бил дека ЕУ не смее преку симболите на заедничката валута да легитимира формулации што можат да се читаат како присвојување на културно наследство што го делат повеќе народи и јазични традиции.

На крајот, според нашите извори, било договорено Словачка да биде земјата што формално ќе го поднесе приговорот во име на пошироката група земји и на тој начин да ја сопре Бугарија во намерата комеморативната монета да биде издадена во предложената форма.

Овој детал е особено важен бидејќи официјалната верзија во јавноста досега говореше само за „неименувана земја-членка на еврозоната“. Но дипломатската слика, според изворите, покажува дека приговорот бил резултат на пошироко усогласување, а не на еднострано несогласување.

Бугарија ја предложи монетата како своја прва посебна комеморативна монета од 2 евра по влегувањето во еврозоната. Намерата била таа да биде посветена на кириличното писмо, но со формулација што го означува како „бугарска азбука“.

Токму таа формулација го отворила спорот.

Кирилицата несомнено има врска со бугарската средновековна државност, Преславската книжевна школа и историските процеси во Првото бугарско царство.

Но, истовремено, нејзиниот развој и ширење се поврзани и со Охридската книжевна школа, со учениците на Светите Кирил и Методиј, со македонскиот културен простор, со српската, руската, украинската, белоруската и други словенски традиции.

Словачка на пример ги има Св. Кирил и Методиј во преамбулата на својот устав, и со нив ја дефинира својата државотворност, уставност и историска непобитност.

Затоа, за дел од земјите што реагирале, проблемот не бил во тоа Бугарија да го одбележи својот историски придонес кон кирилицата. Проблемот бил во начинот на именување, кој според дипломатските извори бил сфатен како обид за национално монополизирање на писмо што денес има пошироко европско и словенско значење.

„Никој не го оспорува бугарскиот придонес. Но едно е да се слави кирилицата и историската улога на Бугарија, а сосема друго е таа да се претстави како ‘бугарска азбука’ на монета што ќе циркулира низ целата еврозона“, велат нашите соговорници.

За Македонија, ова прашање има дополнителна чувствителност. Охридската книжевна школа е еден од темелите на македонското културно и духовно наследство, а секое претставување на кирилицата како исклучиво бугарска се чита во контекст на пошироките спорови за јазикот, историјата и идентитетот.

Според дипломатските извори, токму македонската и српската дипломатска чувствителност биле земени предвид во консултациите, иако Северна Македонија и Србија не се членки на ЕУ и немаат формално право да поднесат приговор во процедурата за евромонетите.

Бугарија досега во европскиот контекст главно го користеше терминот „кирилица“, особено во врска со фактот дека со нејзиното членство во ЕУ во 2007 година кириличното писмо стана третата официјална азбука на Унијата, покрај латиницата и грчкото писмо. Затоа, според дипломатски извори, преминот од неутралниот термин „кирилица“ кон политички понагласениот термин „бугарска азбука“ бил сфатен како намерна промена на реториката кој потоа може да се користи како аргумент во други политички, образовни и идентитетски дебати.

Ова е причината, според дипломатските извори, зошто случајот бил сфатен како повеќе од нумизматичка епизода. Тој бил прочитан како можен преседан.

„Хрватска особено предупреди дека ваквата формулација може да отвори нови спорови во ЕУ, не само денес, туку и во следната декада. Не станува збор само за Македонија, Србија и Бугарија, туку за начинот на кој Унијата ќе управува со споделеното словенско наследство“, велат нашите извори запознаени со консултациите.

Од бугарска перспектива, приговорот речиси сигурно ќе биде прочитан како негирање на бугарскиот историски придонес. Но од перспективата на земјите што реагирале, прашањето не било дали Бугарија има право да ја слави кирилицата, туку дали има право да ја именува како исклучиво своја.

Токму тука лежи суштината на спорот: кирилицата може да биде дел од бугарската историја, но не може да биде сведена само на бугарска азбука без да се избришат другите центри, традиции и народи што ја создавале, развивале и користеле низ вековите.

Во оваа смисла, блокадата на монетата може да се чита како предупредување до Софија: културната дипломатија има граници кога преминува во ексклузивно присвојување на заедничко наследство.

Најчитано