Битолскиот бизнисмен Борче Марковски се врати во Македонија, три дена откако отпатува во Србија со пасошот што му го врати Основниот суд во Струга, потврди неговиот адвокат Марјан Николоски.
Според адвокатот, Марковски веќе е во Битола, а патувањето во Србија било поврзано со деловни обврски. Николоски изјави дека неговиот клиент нема намера да го избегне судењето и дека ќе присуствува на рочиштето закажано за 2 септември.
Марковски ја напушти државата на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“. Тој бил задржан додека биле вршени проверки, но потоа му било дозволено да ја премине границата бидејќи против него немало активна мерка за забрана за патување.
Судот во Струга претходно му го вратил пасошот по приложена гаранција вредна повеќе од пет милиони евра. Основното јавно обвинителство во Струга првично дало негативно мислење, но по повторното барање на одбраната, Вишото јавно обвинителство во Битола го задолжило обвинителот да поднесе позитивно мислење. Како образложение биле прифатени гаранцијата и деловните обврски на Марковски во Србија.
Марковски е првообвинет во предметот за наводни злоупотреби при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинението опфаќа осум физички и едно правно лице.
Обвинителството тврди дека условите на тендерот биле предимензионирани за да се фаворизира една компанија и дека биле наплатени работи кои не биле целосно извршени. Јавниот обвинител предложил одземање на околу 1,7 милиони евра, додека обвинетите допрва треба да се произнесат пред судот за наводите во обвинението.
