„Лулка на биодиверзитетот“ – триделен документарец за Охридското Езеро

Охридското Езеро, неговиот единствен жив свет и природното наследство што опстојува со милиони години се во фокусот на нов триделен документарен проект, чија прва епизода го носи насловот „Лулка на биодиверзитетот“.

Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук, објави фотографии од првата епизода, најавувајќи документарен проект посветен на едно од најстарите и биолошки највредните езера во светот.

Насловот на првата епизода се потпира на исклучителната разновидност на живиот свет во езерото. Според УНЕСКО, во неговите води живеат повеќе од 200 ендемски видови, односно организми кои природно не се среќаваат на ниту едно друго место на планетата. Особено висока е ендемичноста кај алгите, дијатомеите, полжавите, раковите и рибите.

Охридското Езеро во научната литература се издвојува како исклучително значајно место за истражување на еволуцијата и развојот на слатководните екосистеми. Неговата географска изолираност и долгиот континуитет на биолошките процеси овозможиле опстанок и развој на голем број реликтни и ендемски видови.

Токму затоа регионот е дел од светското природно и културно наследство на УНЕСКО. Природниот дел е впишан во 1979 година, а една година подоцна заштитата е проширена и на културното наследство на Охридскиот Регион.

„Охрид SOS“, иницијативата која ги објави првите фотографии од документарецот, повеќе од една деценија ја следи состојбата со природното наследство во Охридскиот Регион и објавува извештаи за урбанизацијата, загадувањето, Студенчишкото Блато и заштитата на езерскиот екосистем.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?