Муцунски повторно бара невозможни гаранции, Македонија ризикува да го пропушти европскиот момент

Европската Унија повторно ѝ порача на Македонија дека моментот за проширување е сега, но министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и натаму ја повторува истата позиција – државата нема да преземе чекори без гаранции дека Бугарија повторно нема да постави нови услови.

Проблемот е што таквите гаранции никој не може да ги даде.

Тоа отворено го кажа и литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис, кој при посетата на Скопје порача дека политичките процеси не можат однапред да бидат целосно обезбедени. Наместо апсолутна сигурност, тој побара чекори, преземени обврски и практична дипломатија од двете страни.

Будрис беше уште подиректен – ако Македонија не го искористи сегашниот геополитички момент, може да изгуби уште половина година или цела година.

Муцунски, сепак, повторно одговори со добро познатата формула за ризици, гаранции и можни идни блокади. Тој оцени дека позицијата на Бугарија е агресивна и радикална и најави дека дијалогот ќе продолжи, но не понуди конкретен одговор како македонската дипломатија планира да ја промени таквата позиција.

По две години власт, јавноста и натаму не слушна што точно подразбираат гаранциите што ги бара Владата. Не е познато дали Скопје бара нов документ од Европскиот совет, политичка декларација од земјите членки, промена на Преговарачката рамка или некаков билатерален договор со Софија.

Не е познато ниту која земја членка би застанала зад таквата иницијатива.

Дипломатијата не се мери само според тоа колку пати е повторена националната позиција. Таа се мери според тоа колку партнери се убедени да ја поддржат, какви коалиции се создадени и дали од разговорите произлегол конкретен резултат.

Кај Муцунски засега има многу изјави за принципи и црвени линии, но малку видливи резултати.

Литванија, која од јануари 2027 година ќе претседава со Советот на ЕУ, најавува дека проширувањето ќе биде нејзин приоритет. Наместо Скопје да претстави конкретен план како да ја искористи таа поддршка, македонската дипломатија повторно останува во дефанзивна позиција и објаснува зошто не може да се движи напред.

Истовремено, пораките од европските институции стануваат сè појасни. Уставните измени остануваат услов за отворање на првиот преговарачки кластер, а конструктивниот дијалог со соседите се посочува како единствен начин за продолжување на процесот.

Европската Унија не покажува намера повторно да ја отвори Преговарачката рамка или да го отстрани условот договорен во 2022 година. Бугарија, пак, има широк внатрешен политички консензус дека договорените обврски не треба да се менуваат.

Во такви услови, повторувањето дека Македонија бара гаранции не претставува дипломатска стратегија. Тоа е политичка позиција без јасен пат до нејзино остварување.

Дополнителен проблем е што Владата целиот застој го сведува на спорот со Бугарија, додека европските извештаи предупредуваат и на слабости во судството, борбата против корупцијата, јавната администрација и спроведувањето на реформите.

Со фокусирањето исклучиво на Софија, Муцунски ја избегнува и домашната одговорност. Македонија не стои само затоа што Бугарија може да блокира. Стои и затоа што Владата нема обезбедено политички консензус, нема започнато сериозен процес за уставните измени и нема покажано доволно резултати во реформите што не зависат од ниту еден сосед.

Будрис му порача на Скопје дека сега е моментот за проширување. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта претходно кажа дека договорените уставни измени се единствениот пат за формално продолжување на преговорите.

Муцунски на тие пораки повторно одговара со барање за сигурност што ниту Литванија, ниту која било друга земја членка може да ја гарантира.

Така македонската надворешна политика останува заглавена меѓу стравот од нова блокада и неспособноста да произведе решение за постојната.

А европскиот момент, на кој се повикуваат сите, нема да трае бесконечно.

Најчитано