Бесим Красниќи од Кондово, брат на Агим Красниќи, повторно е во бегство откако не се вратил во затворот „Идризово“ по одобрениот 30-дневен прекин на издржувањето на затворската казна. Иако неговата локација е непозната, МВР засега го бара само со централна, а не и со меѓународна потерница.
„По барање на надлежен суд за наведеното лице е распишана централна потерница“, соопштиле од МВР за „Слободен печат“.
Красниќи бил пуштен од затвор заради лекување, со прекин на казната во траење од 30 дена. На 16 јуни побарал прекинот да биде продолжен, но Кривичниот суд го одбил барањето, оценувајќи дека медицинската документација не покажува потреба од понатамошно лекување надвор од затворот. Неговата жалба исто така била одбиена.
И покрај судската одлука, Красниќи не се вратил во „Идризово“. Судот на 10 јули добил известување од директорот на затворот дека осуденикот не се вратил на издржување на казната, по што била издадена наредба за негово приведување и потерница доколку се утврди дека се крие или е во бегство.
Красниќи претходно беше екстрадиран од Косово во Македонија во 2024 година. Тој беше меѓу членовите на таканаречената кондовска група и е осуден на 28 и пол години затвор за повеќе кривични дела.
Заедно со Агим Красниќи, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи претходно беше уапсен во Урошевац. Институциите засега не соопштуваат колкав дел од затворската казна на Бесим Красниќи останал неиздржан.
