Урбана уметничка акција: Калимеро, Македонија и ЕУ – Нема правда…

Калимеро

Оваа уметничка акција и скулптурата на Калимеро имаат цел да нѐ потсетат на две различни, но тесно поврзани неправди. Од една страна, Калимеро гласно зборува за Македонија, која со години се соочува со бројни неправди и блокади на патот кон Европската Унија. Но, од друга страна, истиот тој Калимеро не може, а да не констатира дека, иако можеби за Македонија нема правда во процесот на европската интеграција, правда нема ниту во самата Македонија.

Ова е мотивот на групата Урбани уметнички акции, под покровителство на Центарот за современи уметности кои редовно со пројавуваат со овој тип уметничка герила за да го свртат вниманието на јавноста и граѓаните на прашања од јавен интерес.

Според уметниците од оваа група, недоволното владеење на правото, корупцијата, нефункционалното судство и слабите институции се меѓу клучните забелешки што Европската Унија со години ги упатува кон државата која е заглавена на својот пат кон ЕУ.

„Токму затоа Калимеро гласно се спротивставува на ваквата состојба и потсетува дека без правда нема ниту достоинствен живот, ниту европска иднина. Во одередна смисла, Калимеро всушност го претставува обичниот граѓанин на Македонија кој секојдневно се соочува со неправди – од бавно и неефикасно судство, преку корупција, до проблемите во здравството, образованието и јавната администрација места каде владее неправдата против која Калимеро се бори“, објаснуваат уметниците.

Затоа пораката на оваа акција, велат тие, е едноставна: сите ние сме Калимеро. Со години ја бараме правдата, а сѐ почесто останува чувството дека за обичниот граѓанин таа е недостижна. Или, едноставно, како што би рекол Калимеро – „Нема правда!“

„Преку оваа уметничка интервенција сакаме да поттикнеме јавна дебата за тоа дали правдата ќе остане само ветување или конечно ќе стане реалност – и во македонските институции, но и во односот на Европската Унија кон Македонија. Во спротивно, како и Калимеро кој на крајот секогаш некаде заминува, сѐ повеќе македонски граѓани ќе бидат принудени среќата, достоинството и правдата да ги бараат надвор од сопствената држава“, истскнуваат од Урбани уметнички акции.

Акцијата е поставена на плоштадчето кај Ким на прва партизанска и е дело на групата Урбани уметнички акции.

Најчитано