Анибар Филм Фестивал – гнездо за развој на креативноста, регионалната културна сцена и младинскиот активизам

Градот Пеќ деновиве пулсира со креативноста на 17-то издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм Анибар, кој на едно место ги собира филмските автори, уметниците, младите креативци и љубителите на анимација од Западен Балкан, но и други земји од Европа и светот. Во текот на седумте фестивалски денови, посетителите имаат можност да проследат стотици анимирани филмови, мастер-класови, изложби, дискусии и бројни културни активности, со што Анибар дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од водечките регионални фестивали посветени на анимацијата, уметничкото творештво и културниот дијалог.

Анибар е многу повеќе од фестивал посветен на анимираниот филм бидејќи низ годините прерасна во платформа каде што креативноста се спојува со општествената одговорност, младинскиот активизам и регионалната соработка. Поврзувајќи ги младите таленти со меѓународно признати автори и создавајќи можности за учење, соработка и културна размена, фестивалот ја зајакнува креативната сцена на Западен Балкан.

„Нашиот фестивал има значаен придонес за локалната културна сцена, не само преку содржините што ги создаваме, туку и преку идеите и можностите што ги креираме за луѓето кои се занимаваат со анимиран филм“, вели Вулнет Санаја, основач на Фестивалот за анимиран филм Анибар. „Како организација предводена од млади луѓе, исто така придонесуваме за развојот на независната културна сцена во Косово преку поинаков пристап кон организирање настани и активности. Тоа нѝ даде слобода да експериментираме, да ги надминуваме постојните бариери и да бидеме отворени за нови идеи и можности.“

Оваа визија ја споделува и Европската Унија, која преку проектот „Поттикнување одржливи партнерства и дијалог: Соработка во областа на уметноста и културата меѓу Косово и Србија“, го поддржува создавањето нови можности за младите, промовира меѓукултурен дијалог и ја поттикнува регионалната соработка преку културата и креативните индустрии.

„Оваа поддршка нѝ помогна да ги зајакнеме меѓународните партнерства, да развиеме уметнички продукции и да се посветиме на пошироки културни и општествени прашања. Во рамки на овие иницијативи реализиравме проекти за подобро користење на јавните простори, инспирирани од позитивните европски практики, како и проектто што ги обедини уметниците од Косово и Србија да соработуваат и заеднички да создаваат, надминувајќи ги поделбите што ги наметнува дневната политика“, потенцира Санаја.

Во соработка со програмата WeBalkans, во рамки на фестивалот се одржаа три работилници за деца на возраст од 10 до 14 години, кои ги водеа пет млади европски амбасадори, како и мобилна интерактивна инсталација со игри и активности.

„Учесниците активно дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во образовниот систем. Иако работилницата беше посветена на предизвиците, тие излегоа и со решенија, демонстрирајќи критичко размислување и лидерски потенцијал. Беше навистина инспиративно да се видат млади ученици како препознаваат можности за позитивни промени и се подготвени да придонесат за нив“, изјави Ена Хајдаревиќ, Млада европска амбасадорка од Босна и Херцеговина и една од модераторките на работилниците.

„Кога надежта би имала звук, таа ќе беше просторија исполнета со деца кои ги споделуваат своите идеи. Оваа работилница покажа дека образованието најдобро се развива таму каде што љубопитноста може да се чуе, а имагинацијата е ослободена од ограничувања“, додаде Ести Пиранеј, Млада европска амбасадорка од Албанија, која исто така беше една од модераторките на работилниците.

Со поддршка на WeBalkans се одржа и еден од најзанимливите сегменти на вестивалот – четиридневна креативна работилница на која младите направија симбиоза од фотографија, стоп анимации и раскажување приказни. Откако фотографираа интересни детали од просторот на кој се одржува фестивалот, ги претворија нивните фотографии во анимирани сцени, користејќи глина, хартија, цртежи и колаж, истражувајќи нови начини за раскажување приказни преку креативност и соработка.

„Фестивалот Анибар е одличен пример за тоа како поддршката на Европската Унија на културата, креативните индустрии, образованието и младите придонесува за локалниот развој. Фестивалот покажува како креативноста, анимацијата, раскажувањето приказани и граѓанскиот активизам помагаат во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Оттука, нашата порака за младите креативни луѓе гласи: ова е за вас, вашата креативност, вашите идеи и вашата иднина“, вели Ралука Костаке, тим лидер на програмата WeBalkans.  

Дел од учесниците на годинешното издание на фестивалот е режисерот до Србија, Војин Васовиќ, кој ја претстави својата анимирана серија „Nome Is an Island“, приказна што го истражува врсничкото насилство и циклусите на гнев што често следуваат по доживеана неправда.

„Фестивалите како Анибар се многу важни затоа што станаа ретки места за собирање на авторите и публиката која сака да ја следи независната културна сцена. Нивниот континуитет е одраз и на континуитетот на создавање на овие простори бидејќи се идеална можност за дистрибуција, особено на анимирани содржини, кои на Балканот се застапени во многу мал процент во генералната дистрибуција“, истакна Васовиќ.

Според Дурим Клаиќи, филмски автор од Косово, фестивалите како Анибар креираат простор за дијалог преку филмовите.

„Низ годините Анибар направи многу за развој и промоција на анимацијата во Косово, а во исто време позиционирајќи го како дестинација за многу режисери и аниматори од целиот регион. Филмот останува еден од најмоќните начини за комуницирање приказни, проблеми и човечки искуства на директен и значаен начин. Оваа културна размена е клучна за градење дијалог, меѓусебно разбирање и поблиска соработка помеѓу општествата на Балканот“, вели Клаиќи.

Анибар е повеќе од фестивал бидејќи продолжува да инспирира нова генерација млади креативци, покажувајќи како културата, соработката и имагинацијата можат да ги поврзат луѓето на Западен Балкан. Со поддршка на Европската Унија и програмата WeBalkans, фестивалот создава нови можности за младите да учат, да се поврзуваат и своите креативни идеи да ги претворат во реалност.

Најчитано