Епидемиологот Даниловски: За Гостивар треба и епидемиолошка и кривична истрага

Гостивар

Новите сознанија што ги објави Основното јавно обвинителство за случајот со загадената вода во Гостивар претставуваат пресврт во епидемиолошката истрага и силно ја поткрепуваат хипотезата дека масовните гастроинтестинални заболувања се последица на микробиолошка контаминација на водоводниот систем. На ова укажува епидемиологот д-р Драган Даниловски во најновата анализа, оценувајќи дека сега, покрај епидемиолошките показатели, постои и конкретен механизам преку кој загадената вода можела да стигне до граѓаните.

Според Даниловски, досегашната анализа се темелеше на наглото и масовно појавување на заболувања кај населението кое користи ист водоснабдителен систем. Но, новите информации од обвинителството додаваат клучен елемент – санитарно-техничко објаснување за начинот на кој дошло до контаминацијата.

Обвинителството соопшти дека при тестирање на притисокот во водоводниот систем биле поставени потопни пумпи кои префрлале вода од отворен канал во преливната комора на системот за вода за пиење. При увидот било утврдено дека две од пумпите и понатаму работеле, со што површинската вода се мешала со водата од главниот водоснабдителен систем.

Лабораториските анализи покажале екстремно високо присуство на колиформни бактерии во водата од каналот, како и микробиолошки отстапувања во примерок од каптиран извор. Според Даниловски, токму овие резултати обезбедуваат биолошки веројатен механизам преку кој загадувањето можело да предизвика епидемија.

„Претходно имавме епидемиолошка слика. Сега таа добива и конкретна санитарно-техничка поткрепа“, оценува Даниловски.

Сепак, тој предупредува дека новите факти не значат дека случајот е целосно расчистен. Истрагата на обвинителството се заснова на основано сомнение и не претставува конечен доказ за кривична одговорност. Дополнително, за целосна етиолошка реконструкција на епидемијата потребни се и резултати од микробиолошките анализи на заболените лица, примероци од различни точки на водоводната мрежа, временската динамика на загадувањето и епидемиолошката распределба на случаите.

Даниловски нагласува дека наодот на колиформни бактерии е силен показател за санитарна неисправност на водата, но самиот по себе не го идентификува конкретниот патоген што ги предизвикал заболувањата.

Во анализата тој прави јасна разлика меѓу епидемиолошката и кривичната истрага. Првата треба да го реконструира синџирот на настаните – кога започнала изложеноста, како се ширела и кога бил препознаен заедничкиот извор на заразата. Втората, пак, треба да утврди кој бил должен да постапува, дали биле прекршени законските и професионалните обврски и дали нечии дејствија или пропусти довеле до последиците.

Но, според Даниловски, случајот не смее да се сведе само на евентуалната одговорност на тројца осомничени. Тој предупредува дека мора да се испита и функционирањето на целиот систем – како било можно површинска вода да навлезе во системот за вода за пиење, дали постоеле јасни процедури, дали бил направена ризик-анализа и дали институциите навреме реагирале на првите сигнали.

„Индивидуалната одговорност е прашање за обвинителството и судот. Институционалната одговорност е прашање за целиот систем“, нагласува епидемиологот.

Како клучна поука од случајот, Даниловски истакнува дека мерките за заштита на населението не смеат да чекаат завршување на лабораториските анализи или судските постапки. Кога постојат доволно докази за сериозен ризик по јавното здравје, институциите мора да реагираат веднаш.

По завршувањето на акутната фаза, смета Даниловски, неопходна е независна и сеопфатна анализа на целиот случај – од управувањето со водоснабдителниот систем и санитарниот надзор, до координацијата меѓу институциите, информирањето на јавноста и слабостите во организацијата. Целта, според него, не е само да се утврди вина, туку да се спречи ваква епидемија никогаш повеќе да не се повтори.

Најчитано