СДСМ: Има ли чувство Мицкоски за криењето на информациите за загадената вода во Гостивар, граѓаните заслужуваат одговорност

СДСМ

Опозициската СДСМ ја обвини Владата и ВМРО-ДПМНЕ дека пет дена ја криеле од јавноста информацијата за загадената вода во Гостивар и побара целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност.

Во партиското соопштение, СДСМ реагира на ставовите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со истрагата за епидемијата во Гостивар, оценувајќи дека власта сега се повикува на доверливоста на истрагата, додека во други случаи, како што тврдат, јавно коментирала и најавувала истражни постапки.

„Кога треба да се утврди одговорност за труењето на граѓаните во Гостивар, тогаш одеднаш нема ‘чувство’ и сè е ‘доверливо’ и ‘во тек на истрага’“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата тврдат дека институциите пет дена молчеле и не ја информирале јавноста за случајот, по што, според нив, се обидуваат да го оправдаат таквото постапување со образложение дека истрагата е во тек.

СДСМ поставува и повеќе прашања до надлежните институции, меѓу кои зошто резултатите од анализите на водата не биле веднаш објавени, зошто Обвинителството ги чувало како доверливи и дали Министерството за здравство и здравствените инспекции навремено реагирале.

Опозициската партија оценува дека граѓаните на Гостивар заслужуваат целосна транспарентност и одговорност за случајот, наместо, како што наведуваат, повикување на доверливоста на истрагата.

Најчитано