Агенцијата за задолжителни нафтени резерви исплатила над еден милион денари повеќе за плати и придонеси, не обезбедила целосна евиденција за прекувремена работа, а со години немало владини одлуки за количината и структурата на државните резерви, утврди Државниот завод за ревизија.
Ревизијата на работењето за 2024 година завршила со позитивно мислење за финансиските извештаи, што значи дека тие реално ја прикажуваат финансиската состојба. За усогласеноста на работењето со законите и прописите, сепак, ДЗР изразил мислење со резерва поради повеќе утврдени неправилности.
Еден од клучните наоди се однесува на планирањето на задолжителните резерви. Законот предвидува Владата секоја година да донесува одлука за количината и структурата на нафтените резерви, но такви одлуки немало за периодот од 2022 до 2025 година.
Одговорноста, според извештајот, не е само кај Агенцијата. За 2022 и 2023 година таа навреме ги доставила предлог-одлуките до тогашното Министерство за економија, но Министерството не ги проследило до Владата. За 2024 година Агенцијата не доставила предлог, а за 2025 година документот не бил поднесен поради нефункционалноста на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
ДЗР предупредува дека работењето без овие одлуки создава ризик државата да формира залихи во количини и структура што не одговараат на реалните потреби и приоритети. Во март 2026 година до Министерството била доставена предлог-одлука за тековната година.
Ревизорите откриле и дека бодовите врз основа на кои се пресметувале платите биле повисоки од оние утврдени со Законот за административни службеници. Поради ова, за плати, даноци, придонеси и додатоци биле исплатени околу 1,024 милиони денари повеќе. Во 2026 година пресметката била усогласена со Министерството за финансии, па ДЗР не дал дополнителна препорака за овој наод.
Неправилности се утврдени и при пресметувањето на надоместокот за боледување. Наместо просекот на платите исплатени во претходните 12 месеци, како основица се користела платата за тековниот месец. Во дел од случаите боледувања со различни дијагнози биле третирани како едно континуирано отсуство и биле исплаќани со ист процент.
Евиденцијата за прекувремена работа не била целосна за сите вработени. Немало воспоставена практика одговорното лице писмено да ја утврдува потребата за прекувремена работа, ниту бил известуван трудовиот инспектор, како што бара Законот за работните односи. Додатокот од 35 проценти, исто така, се пресметувал само врз дел од основната плата.
Посебен дел од извештајот е посветен на 600.000 килограми мазут што во 2017 година биле позајмени на Министерството за одбрана за потребите на Армијата. Мазутот требало да биде вратен до крајот на истата година, но не бил вратен ниту до крајот на 2025 година. Агенцијата по овој основ евидентира побарување од 16,714 милиони денари.
Ревизијата укажува дека во текот на годините имало обиди за решавање на случајот, меѓу кои и предлог за отпис на позајмицата и известување до Министерството за нејзино враќање, но состојбата останала непроменета.
Значителни количества мазут биле повлечени од резервите и за потребите на ЕСМ. Во декември 2024 година Владата без надомест му отстапила на државното претпријатие 10,788 милиони килограми мазут, од кои до јуни 2025 година биле подигнати речиси сите одобрени количества.
Со нова владина одлука од декември 2025 година, на ЕСМ му биле отстапени уште 5,395 милиони килограми мазут, иако Законот предвидува во услови на енергетска криза дериватите да се издаваат како краткорочна позајмица. До крајот на годината биле повлечени 2,535 милиони килограми.
Според ДЗР, намалувањето на залихите придонело покриеноста со нафтени деривати да се намали од 52 на 42 дена. Европските правила кон кои се усогласува Македонија предвидуваат резерви што одговараат на најмалку 90 дена просечен нето-увоз или 61 ден просечна домашна потрошувачка, зависно од тоа која количина е поголема.
Ревизорите констатирале дека законот не пропишува методологија за усогласување и проценување на вредноста на залихите. Ниту Агенцијата имала интерен акт за унифицирано постапување, поради што постои ризик од различно и погрешно прикажување на вредноста на нафтените резерви како државен капитал.
Правна несигурност постои и околу тоа дали подзаконските акти треба да ги одобрува Владата или Министерството за енергетика. Поради судирот на законските одредби, дел од потребните правилници и Статутот на Агенцијата не биле усогласени во предвидениот рок.
ДЗР утврдил и дека Законот не го определува траењето на мандатот на директорот, ниту ја предвидува функцијата вршител на должност како орган на управување. Новиот в.д. директор, именуван во јули 2024 година, го немал законски бараното петгодишно искуство на раководна позиција во енергетиката.
„Долгогодишниот воспоставен начин на избор и именување вршители на должност го нарушува принципот на владеење на правото и создава ризик институциите да ги управуваат лица кои не ги исполнуваат законските квалификации“, оценува ДЗР.
Во Агенцијата не била воспоставена ниту внатрешна ревизија, што претставува слабост во системот на контрола. На нацрт-ревизорскиот извештај Агенцијата не доставила забелешки, а ДЗР издал две препораки за надминување на утврдените состојби.
