Црногорската влада брои дури 34 члена во држава со околу 600.000 жители, со што по бројност ги надминува владите на значително поголеми европски земји, како Франција и Италија.
Гломазниот владин состав беше повод за остра реакција на лидерот на Граѓанското движење УРА и поранешен премиер Дритан Абазовиќ, кој ги обвини функционерите на власта дека се ненаситни за позиции и привилегии.
„Што е ова, луѓе? Кои се овие луѓе? Дали се најадоа и зошто не? Не, овие се пробушени. Овие не можат да се најадат и напијат. Ваква група никогаш не сте виделе“, изјави Абазовиќ.
Тој оцени дека политичката енергија на власта е насочена кон распределба на функции, наместо кон решавање на проблемите што директно го засегаат животниот стандард на граѓаните.
Агенда за животниот стандард
Абазовиќ порача дека УРА во политичкиот фокус ги враќа темите поврзани со секојдневниот живот на граѓаните.
Како приоритети ги наведе зголемувањето на платите и пензиите, повисоките детски додатоци и заштитата на природните ресурси на Црна Гора.
„Тоа е нашата агенда“, рече Абазовиќ, повикувајќи ги граѓаните да ги имаат предвид овие прашања кога на следните избори ќе одлучуваат кому ќе му ја доверат власта во наредните четири години.
