Мазутот што компанијата РКМ го испорачувала на ТЕЦ Неготино бил со соодветен квалитет, не предизвикувал загадување над дозволените граници, а неговото користење за домашно производство на електрична енергија ѝ заштедило на државата повеќе од 12 милиони евра, покажува вештачење изработено во 2024 година, по нарачка на тогашниот директор на електраната.
Во вештачењето се анализира економската оправданост за активирањето на ТЕЦ Неготино во периодот на енергетската криза. Заклучокот е дека домашното производство било поевтино од набавката на истото количество електрична енергија од унгарската берза HUPX.
„Владата донела одлука за активирање на ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза. За реализација на ова, Владата дала согласност за склучување договор за деловно-техничка соработка помеѓу АД ЕСМ и АД ТЕЦ Неготино, кое во тоа време било посебно правно лице, а денес е подружница на АД ЕСМ“, се наведува во наодот.
Вештачењето потсетува дека од средината на 2021 година на европскиот пазар настапила енергетска криза, проследена со недостиг на електрична енергија и значителен раст на цените.
„Пуштањето во работа на ТЕЦ Неготино било оправдано, земајќи предвид дека очекуваната цена на електричната енергија произведена во ТЕЦ Неготино била пониска од цените на унгарската берза HUPX, кои во тој период се сметаат за референтни за Македонија“, пишува во документот.
Во наодот се содржани месечни табели за произведената и потрошената електрична енергија, како и за примениот и потрошениот мазут во текот на 2022 и 2023 година. Прикажани се и вкупните годишни податоци.
Според вештачењето, редовно била водена евиденција за приемот и потрошувачката на мазутот, а динамиката на испораките од РКМ била во согласност со склучените договори.
ТЕЦ Неготино е термоелектрична централа чија изградба започнала во 1975 година. Првата етапа била пуштена во работа во 1978 година, со максимална трајна моќност од 210 мегавати. Електраната како основно гориво користи мазут и може да работи со еден или со два котли, односно со половина или со целосен капацитет.
Од 2009 година ТЕЦ Неготино била ладна резерва во електроенергетскиот систем на Македонија, сè до нејзиното повторно активирање во декември 2021 година.
Во периодот од декември 2021 до април 2023 година, електраната работела со еден котел, со просечна моќност од 75 до 90 мегавати, или со два котли, со просечна моќност од 155 до 175 мегавати. Имало и периоди во кои не работела.
Во вештачењето се наведува дека сите пуштања и прекини на работата биле уредно документирани со соодветни налози и целосна придружна документација.
Пресметките покажуваат дека вредноста на електричната енергија произведена во ТЕЦ Неготино и предадена во мрежата изнесувала околу 155,407 милиони евра.
Доколку истото количество електрична енергија било набавено од унгарската берза HUPX, без да се пресметаат дополнителните трошоци за пренос и увоз во Македонија, неговата вредност би изнесувала околу 167,550 милиони евра.
Разликата изнесува 12,143 милиони евра во корист на домашното производство.
„Ова покажува дека работењето на ТЕЦ Неготино може да се смета за економски оправдано. Разликата би била уште поголема доколку се земе предвид дека цената на увезената електрична енергија во Македонија би била повисока од цените на унгарската берза поради дополнителните трошоци за пренос и увоз“, се наведува во вештачењето.
Наодот содржи и оценка за квалитетот на мазутот што бил користен во електраната.
Според мислењето на вештото лице, мазутот бил со релативно добар квалитет и овозможувал производство на електрична енергија во согласност со очекуваните вредности за потрошувачка на горивото во ТЕЦ Неготино.
Како дополнителен аргумент се наведуваат седум лабораториски извештаи за мерење на емисиите на загадувачки материи во воздухот, изработени во периодите кога електраната работела.
Во нив било констатирано дека концентрацијата на загадувачките материи во чадните гасови од котлите не ги надминувала граничните вредности пропишани со важечкиот правилник.
Предметот сè уште се наоѓа во Вишото јавно обвинителство, кое треба да одлучи по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата поради недостиг на докази.
Во такви околности, останува нејасно врз која основа ЕСМ тврди дека била предизвикана економска штета. Според наодите од вештачењето, домашното производство не создало финансиска загуба, туку било за околу 12,143 милиони евра поевтино од набавката на истото количество струја од унгарската берза.
Дополнително, лабораториските мерења наведени во вештачењето не утврдиле надминување на дозволените гранични вредности на емисиите во воздухот во периодот што е предмет на постапката.
