Крушево сè уште без питка вода

Забраната за пиење и домашна употреба на водата од градскиот водовод во Крушево останува на сила, откако анализите покажаа бактериолошка неисправност. Мерката ќе важи додека не бидат добиени три последователни исправни примероци.

При контролите било утврдено отсуство на резидуален хлор и присуство на бактерии од цревно потекло. Во водата биле детектирани ешерихија коли, ентерококи и зголемен број колиформни бактерии.

Од ЈП „Комуна“ соопштија дека проблемот настанал по прекин во снабдувањето со електрична енергија, кој предизвикал прекин во работата на системот за хлорирање. Како можна причина за секундарната контаминација се посочува и дефект на старата водоводна мрежа.

Граѓаните треба да користат пакувана вода за пиење. Според Центарот за јавно здравје – Прилеп, водата од водоводот во моментов може да се употребува исклучиво како техничка, до официјално укинување на забраната.

Бактериолошка неисправност е утврдена и во примероците од крајпатните чешми кај бензинската пумпа и „Св. Петка“, поради што и тие не смеат да се користат за пиење. Надлежните најавуваат редовно земање примероци и информирање на јавноста по добивањето на резултатите.

Најчитано