Џошуа го нокаутира Пренга во втората рунда од драматичната борба во Џеда, иако само дваесетина секунди по почетокот веќе беше на под. Британскиот боксер преживеа уште еден нокдаун до крајот на првата рунда, а потоа направи целосен пресврт и го отвори патот кон долгоочекуваната пресметка со Тајсон Фјури.
Кристијан Пренга влезе агресивно и со силен десен аперкат го собори поранешниот светски шампион уште во воведните моменти. Албанскиот тешкаш ја почувствува шансата и повторно го испрати Џошуа на под во завршницата од рундата.
Британецот успеа да го дочека гонгот, но во втората рунда влезе решен да не дозволи сензација. Со серија силни удари со десната рака го принуди Пренга да се повлече кон јажињата, по што судијата ја прекина борбата.
За Џошуа ова беше особено емотивно враќање. Тој првпат настапи по сообраќајната несреќа во Нигерија во која беа повредениот боксер и загинаа двајца негови блиски пријатели и членови на тимот. По победата, Џошуа им го посвети триумфот токму ним.
Победата практично ја отстрани последната пречка пред британскиот боксерски спектакл меѓу Џошуа и Фјури. Промоторот Еди Херн потврди дека договорите се потпишани, додека борбата се очекува во ноември. Точниот датум и местото сè уште не се официјално објавени.
Фјури претходно го победи Мариуш Вах во Тајланд, откако полскиот ветеран не ја продолжи борбата пред осмата рунда. Со победите на двајцата Британци, пресметката што боксерскиот свет ја чека повеќе од една деценија е поблиску од кога било.
