Новите истражувања ги откриваат скриените тајни на Помпеја и Херкуланеум

Новите опсежни истраѓувања на Помпеја и Херкуланеум откриваат нешто сосема до сега не познато кое било закопано пепелта на вулканот Везув. Новите ископувања, лабораториски анализи и дигитални технологии откриваат сè подетална слика за секојдневието пред катастрофалната ерупција во 79 година – за тоа што јаделе жителите, како заработувале, каде се забавувале, што пишувале по ѕидовите и како богатството и сиромаштијата постоеле едно покрај друго.

Истражувањата во квартот Порта Стабија во Помпеја откриле жив трговски дел со продавници, гостилници, работилници и простори за забава. Анализата на остатоците од храна покажала дека во градот се консумирале локални житарици, овошје, јаткасти плодови и мешунки, но и увезени школки, морски ежови, сусам и бибер. Меѓу најнеобичните наоди е дел од нога на жирафа, доказ дека Помпеја била вклучена во трговски мрежи што стигнувале до Северна Африка.

Таквите наоди ја менуваат поедноставената претстава за античкиот град. Помпеја не била населба изолирана под вулканот, туку динамичен урбан центар со развиена трговија, угостителство и јасни социјални разлики. Егзотичната храна најверојатно била достапна на богатите, додека обичните жители се хранеле со житарици, зеленчук, мешунки и локални производи.

Во Регио IX, едно од подрачјата во кои и денес продолжуваат ископувањата, археолозите открија голем приватен термален комплекс поврзан со раскошна сала за гозби. Бањата имала простории со топла, млака и студена вода и се смета за еден од најголемите приватни комплекси од ваков тип пронајдени во Помпеја. Просторот не служел само за хигиена и одмор, туку и за демонстрација на богатството, склучување политички сојузи и прием на влијателни гости.

Во истиот дел од градот се откриени пекарница во која работниците веројатно биле држени во исклучително тешки услови, пералница, богато украсени домови, изборни натписи и домашно светилиште. Наодите покажуваат дека луксузните простории на богатите семејства можеле да се наоѓаат веднаш до работни места во кои робови и сиромашни работници извршувале физички тешка работа.

Ѕидовите на Помпеја се посебна архива на античкото општество. Со современа технологија за фотографирање на површините под различни агли, истражувачите во веќе одамна ископан коридор откриле 79 претходно невидливи натписи. Меѓу нив има љубовни пораки, навреди, цртежи, религиозни изрази и скица на двајца гладијатори во борба.

Овие графити покажуваат дека пишувањето по ѕидови не било исклучок, туку дел од секојдневната комуникација. Жителите оставале политички пораки, реклами, шеги, признанија на љубов и лични навреди. Наместо официјалниот јазик на властите и богатите семејства, ѕидовите го зачувале гласот на обичните луѓе.

Херкуланеум, кој бил погоден од вулкански облаци со температура над 400 степени Целзиусови, зачувал материјали што вообичаено исчезнуваат во археолошките слоеви. Пронајдени се дрвени врати, скали, мебел, работни алатки, ткаенини, јажиња, семиња, житарици, овошје и остатоци од храна. Интензивната топлина ги јагленосала органските материјали, но истовремено овозможила тие да преживеат речиси два милениума.

Зачуваните восочни табли, натписите и документите овозможиле да се идентификуваат имиња на жители, имотни односи, трговски зделки и правни постапки. Тоа им овозможува на археолозите да не го реконструираат само изгледот на градот, туку и односите меѓу луѓето што живееле во него.

Најголемата тајна на Херкуланеум останува Вилата на папирусите. Во неа биле пронајдени повеќе од 1.800 јагленосани свитоци, единствената голема библиотека од античкиот свет што преживеала во ваква форма. Свитоците се премногу кревки за физичко отворање, но со рендгенска томографија, машинско учење и виртуелно одмотување истражувачите успеваат да ги читаат без да ги оштетат.

Во 2026 година истражувачки тим објави дека целосно виртуелно одмотал и прочитал еден од свитоците, со што за првпат е овозможено продолжено научно читање на цел неотворен папирус од Херкуланеум. Во друг свиток биле пронајдени податоци што го идентификуваат текстот како дело на епикурејскиот филозоф Филодем.

Археологијата открива и дека приказната не завршила со ерупцијата. Нови траги покажуваат дека делови од Помпеја биле повторно населувани по катастрофата, иако градот никогаш не ја вратил поранешната големина. Истражувањата за преживеаните дополнително ја оспоруваат популарната претстава дека сите жители загинале. Анализите на имиња, семејни врски и преселби укажуваат дека значителен број жители успеале да избегаат и подоцна се населиле во други градови во Италија.

Ниту самата Помпеја не е целосно откриена. Во Херкуланеум се видливи нешто повеќе од четири хектари од градот, чија површина се проценува на околу 20 хектари. Големи делови, вклучувајќи јавни објекти и станбени квартови, сè уште се наоѓаат под современата населба и под дебелите вулкански наслаги.

Секое ново ископување затоа не открива само предмет, туку дел од структурата на римското општество. Коската од жирафа сведочи за далечна трговија, приватната бања за политичката моќ на богатите, пекарницата за условите на потчинетите работници, графитите за приватните чувства, а јагленосаните свитоци за интелектуалниот свет што сè уште не е целосно прочитан.

Помпеја и Херкуланеум биле уништени во еден ден, но токму брзината на катастрофата ги зачувала во момент кога животот сè уште траел. Садовите останале во кујните, храната во продавниците, натписите на ѕидовите, документите во домовите, а луѓето во обид да избегаат. Два милениума подоцна, најголемото археолошко богатство не се златото и накитот, туку деталите од обичниот живот што вулканот ненамерно ги сочувал.

Најчитано