Се чудиме на канцери а Македонија нема поим што јаде и од каде доаѓа храната

Македонските закони бараат храната да може да се следи од примарното производство до крајната продажба. Тоа значи дека за овошјето и зеленчукот што се продаваат на пазарите и во маркетите треба да постојат податоци за производителот или увозникот, добавувачот, дистрибуцијата и објектот во кој производот завршил. Следниот пат во локалниот супер маркет или на пазарче прашате каде е произведено.

Сепак, во јавно достапните информации нема интегрирана база од која граѓаните можат да утврдат од која парцела потекнува производот, со каква вода бил наводнуван, кои средства за заштита биле употребени и дали конкретната пратка била лабораториски испитана. Ова е едно од основните правила на храна во ЕУ.

Законот за безбедност на храната е недвосмислен. Во член 31 е утврдено дека операторите во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата мора да обезбедат храната да ги исполнува пропишаните барања и да потврдат дека тие барања се исполнети. Истиот член им наложува на надлежните органи да воспостават интегриран систем на официјални контроли кој ги опфаќа сите фази од синџирот.

Според член 32, следливоста мора да биде воспоставена во сите фази на производство, преработка и дистрибуција. Операторот мора да знае од кое физичко или правно лице ја набавил храната, да има систем преку кој таа информација ќе биде достапна на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство и да може да ги идентификува бизнисите што ги снабдувал. Храната ставена во промет мора да биде соодветно означена или идентификувана преку документација што овозможува следливост.

Ова е моделот познат како „еден чекор назад, еден чекор напред“. Маркетот треба да знае од кого го набавил производот. Дистрибутерот треба да го знае увозникот, откупувачот или производителот. Откупувачот треба да може да го идентификува земјоделецот. Производителот треба да располага со податоци за производството. Но законската обврска не значи автоматски дека синџирот е целосно документиран во пракса, особено кога производот се продава рефусно, се меша со друга стока или минува низ неформални канали.

Законот предвидува и конкретна одговорност ако храната е небезбедна. Член 33 го обврзува операторот веднаш да започне повлекување ако има причина да верува дека увезената, произведената или дистрибуираната храна не ги исполнува барањата. Ако производот стигнал до потрошувачите, тие мора да бидат точно информирани за причината за повлекувањето. Операторот е должен веднаш да ја извести АХВ и да ги достави информациите потребни за следливост.

Законската архитектура, според тоа, постои. Она што не е јавно докажано е дали кај овошјето и зеленчукот што секојдневно се продаваат на зелените пазари постои континуирана и проверлива трага до конкретниот производител и производната парцела.

Особено чувствителна точка е примарното производство. Член 43 ги обврзува операторите да обезбедат сите фази под нивна контрола да ги исполнуваат хигиенските барања. Член 44 дополнително пропишува дека и производителите во примарното производство мора да ги исполнуваат општите и посебните хигиенски услови, да ги почитуваат микробиолошките критериуми и да спроведуваат постапки и анализи кога тоа е потребно.

Истовремено, општите хигиенски правила не се применуваат на ист начин кај директната продажба на мали количества примарни производи од производител до краен потрошувач или локален трговец. Законот предвидува овие услови дополнително да бидат уредени со посебни правила. Токму овој сегмент е важен за зелените пазари, каде што продавачот може да биде производител, но може да биде и препродавач. За купувачот најчесто нема јасна разлика меѓу тие две категории.

Во член 49 е пропишано дека АХВ води регистар на операторите и објектите што вршат производство, обработка, дистрибуција, транспорт, складирање и малопродажба на храна од неживотинско потекло. Министерството за земјоделство, пак, води регистар на операторите и објектите од растително потекло што вршат примарно производство.

Двата регистра треба да бидат основа за поврзување на нивата со тезгата. Но јавноста нема едноставен пристап до систем во кој може да провери дали продавачот на пазар е регистриран производител, од кого ја набавил стоката и дали производот може да се поврзе со конкретна серија или парцела. Кога доматите од повеќе производители се мешаат во една пратка или се препакуваат, следливоста дополнително се усложнува.

Најголемата законска и институционална празнина што ја гледа потрошувачот е водата за наводнување. Законот за водите ги уредува користењето, распределбата и заштитата на површинските и подземните води, како и условите под кои тие може да се користат. Тој ги опфаќа реките, изворите, акумулациите, подземните води и водостопанските објекти.

Но не постои јавно достапна национална евиденција во која за секој производител би било наведено од кој извор ја наводнува парцелата и кога последен пат таа вода била лабораториски анализирана. Производството може да користи организиран систем за наводнување, бунар, река, локален канал, акумулација или друг извор. Разликата е суштинска, затоа што загадена вода може да пренесе бактерии, паразити, тешки метали или други контаминенти врз производите.

Контролата на водата во објектите што произведуваат или преработуваат храна е дел од официјалните проверки. Член 76 предвидува дека инспекцијата треба да ја проверува добрата хигиенска практика, вклучувајќи го квалитетот на водата, документацијата и контролата на храната што влегува и излегува од објектот.

Тоа, меѓутоа, не е исто со систематска проверка на секој извор за наводнување на отворено земјоделско земјиште. Квалитетот на водата во пакувачки центар или магацин може да биде проверен, а да нема јавна информација за водата со која производот бил одгледуван на нивата.

Официјалните контроли, според член 75, не се задолжително контрола на секоја пратка и секој производ. АХВ ги спроведува со „соодветна зачестеност“ врз основа на анализа на ризикот, претходната документација, внатрешните проверки и информациите што укажуваат на можни неправилности. Контролите можат да бидат ненајавени и треба да ги опфатат производството, преработката, складирањето, транспортот, увозот и продажбата.

Ова значи дека законскиот модел се темели на ризик и мостри, а не на лабораториско тестирање на секој производ пред продажбата. Затоа институциите не можат само со општа изјава дека „храната се контролира“ да докажат дека целиот пазар е безбеден. За таква оценка се потребни податоци за бројот на оператори, бројот и видот на контролите, земените мостри, анализираните производи, потеклото, утврдените неправилности и повлечените пратки.

АХВ има програма за контрола и превентива на физички, хемиски и биолошки опасности во определени категории храна и објавува дека спроведува мониторинг на овошјето и зеленчукот. Но програмата сама по себе покажува што треба да се испитува, а не колкав дел од целокупната понуда реално е лабораториски опфатен.

Постари официјални податоци покажуваат дека при мониторинг биле утврдени небезбедни наоди за резидуи од пестициди, нитрати и тешки метали. Тоа е доказ дека ризиците не се хипотетички, но и дека контролата преку мостри открива само дел од стоката што се наоѓа во промет.

Кај увозот постојат царински, фитосанитарни и контроли за безбедност на храната. Царинската управа наведува дека увозот на овошје и зеленчук подлежи на одобрение и фитосанитарен преглед и дека пратката не може да влезе без постапка пред фитосанитарен инспектор.

Фитосанитарната контрола, сепак, првенствено се однесува на здравствената состојба на растенијата и присуството на растителни болести и штетници. Таа не е исто што и лабораториско испитување на храната за пестициди, бактерии, тешки метали и други ризици за човековото здравје.

Во март 2025 година АХВ воведе засилена мерка со земање мостри за пестициди од секоја увозна пратка овошје и зеленчук. Фактот дека мерката била јавно означена како „засилена контрола“ покажува дека тестирањето на секоја пратка не треба да се претставува како постојан стандарден режим без дополнителен доказ дека мерката продолжила да важи.

Маркетите мора да располагаат со документи за добавувачите и потеклото на стоката. Но јавно не се објавуваат податоци од кои држави и од кои производители набавува секој синџир, кои пратки се лабораториски тестирани и дали производот на конкретната полица е дел од анализирана серија. Потрошувачот најчесто добива само назив, цена и земја на потекло.

Кај зелените пазари информацијата може да биде уште послаба. Производите се продаваат рефусно, без индивидуална декларација. Потеклото најчесто се наведува усно или на мала табла. Нема јавно достапен механизам со кој купувачот на самата тезга може да го провери производителот, парцелата, изворот за наводнување, употребените препарати или лабораториските резултати.

Тоа не значи дека секој производ на пазар е небезбеден. Значи дека потрошувачот нема доволно информации за да го провери синџирот, а институциите не објавуваат доволно структурирани податоци за да покажат колкав дел од понудата е реално опфатен со контроли.

За системот да функционира според законот, потребни се најмалку пет поврзани нивоа: регистриран производител, идентификувана парцела и извор на вода, документација за употребените препарати, евидентиран откуп и дистрибуција и видлива идентификација на производот при продажбата. Ако една од овие алки недостига, следливоста е прекината.

Следниот чекор не е нов закон, туку докажување на примената на постојниот. АХВ и Министерството за земјоделство треба јавно да објавуваат колку производители се регистрирани, колку пазарни продавачи можат да го докажат потеклото, колку контроли се извршени во примарното производство, колку извори за наводнување се анализирани, колку мостри се земени по производ и регион и кои неправилности се утврдени.

Без такви податоци, законската следливост останува обврска запишана во член 32, а не систем што граѓаните можат да го видат и проверат. На тезгите и во маркетите има храна со цена и наведено потекло, но за значителен дел од понудата јавноста нема целосна информација за патот од водата и нивата до продажното место.

Да не се чудиме од епидемијата на канцер во државава.

Најчитано