Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ако Бог е љубов…

Во суштина Бог е љубов и слобода и овие две вредности тој подеднакво им ги дарувал на сите. Љубовта на Бог никого не исклучува.
Затоа, ако Бог е љубов и слобода, тогаш секако бесмислен е повикот на протест против правата и слободата на другиот, инаквиот.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Никој не може да ме убеди дека протестот што МПЦ-ОА планира да го организира на 29 јуни ќе донесе нешто добро, ниту пак ќе биде придонес за помирување или приближување на разликите на двете дијаметрално спротивставени страни, црквата и граѓанските организации, како што сега стојат работите.

Напротив, во тоа сум убеден, единствениот придонес што ќе го даде тој протест ќе биде уште еден чекор во продлабочувањето на разликите и поларизацијата на општеството. Ќе го киднапираат во гласноста екстремистите и клерофундаменталистите во МПЦ кои веќе ги објавија своите повици. Тоа се повици на „или-или“, на „конечност“, на „заговори“ со кои им порачуваат на верниците дека „денес целиот свет е сведок на процесот на заробување на човештвото во името на ‘слободата’, ‘човековите права’ и ‘демократијата’!“. Дека „има само луѓе кои се за темнината, уништувањето и глобалниот неоколонијалистички грабеж и антихристовата перверзија и луѓе кои се за светлината/вистината, убавината и радоста на постоењето, суверенитетот, здравоста, оргиналноста“. И дека дошло „Време е за одлука! Време за конечен избор! Или нормалност или ненормалност, сега избираме!“

Нема љубов во овие пораки. Има само омраза кон другите кои се именуваат како темнина, антихристи… Нема љубов.

А, во суштина Бог е љубов и слобода и овие две вредности тој подеднакво им ги дарувал на сите. Љубовта на Бог никого не исклучува.

Затоа, ако Бог е љубов и слобода, тогаш секако бесмислен е повикот на протест против правата и слободата на другиот, инаквиот.

Ако во љубовта на Бога сите се еднакви, и ако Бог со љубов им пристапил и ја положил неговата рака на парализираните, на обземените со демони, на лепрозните, на слепите… на сите коишто во тоа време биле на маргините на општеството, во заедницата, тогаш зошто тие што денеска треба да се негово олицетворение немаат иста љубов кон поинаквите, кон другоста.  

Најавениот протест во организација на МПЦ-ОА само ќе ги засили тенденциите кои го поларизираат и делат општеството.

Ако овој говор, каков што цитиравме погоре, издоминира на протестот, а има голема шанса така да биде врз основа на претходните искуства и јавните настапи на одделни епископи и свештеници, тогаш МПЦ-ОА треба да биде свесна дека си презема улога на политичка организација којашто наместо како црква што го застапува преданието, кое во секое свое слово е исполнето со љубов, ќе ја видиме како идеолошка, религиозна организација.

Во таква организација свештенството ја презема улогата на Големиот инквизитор, а не на љубовниот Христос и во таква организација основата е религијата која се раководи од стравот и/или стравопочит. Религијата дели, верата спојува, поврзува.

Подвигот на љубовта во современиот свет се состои во тоа да се препознаат и прифатат разликите кои произлегуваат од постојаните промени кои, ете, сакале ние или не, се случуваат и влијаат сериозно во животот на луѓето.

Ако љубовта ја ограничите на +/-, на црно/бело, на север/југ, на исток/запад, на машко/женско… ја лишувате од нејзината суштина, од нејзината природа да им се даде на сите, без ограничувања. Особено Божјата љубов која ништо не може да ја ограничи, па дури ни распнувањето на крстот кога Бог е љубов.

Но зошто е сево ова потребно, оваа колумна, протестите на МПЦ, на граѓанските организации на ЛГБТ+ и трансродовите заедници?

Затоа што е време да го решиме прашањето на родовата еднаквост која не завршува само со еднаквите права на жените и мажите, туку и со решение за правата на трансродовите личности.

Ни требаше многу време, и слични дебати и кавги за прифаќање на реалноста на хомосексуалните заедници и за прифаќање на правото на слободна сексуална определба.

Сега е време да го решиме и прашањето прво на прифаќање на реалноста дека меѓу нас живеат наши сограѓани трансродови лица, односно личности што, иако биолошките и психолошките карактеристики ги дефинираат како жени или мажи, својот родов идентитет го определуваат врз основа на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род, што не мора да содејствува на полот што му е определен при раѓање. Тоа го манифестираат преку личното доживување на сопственото тело, вклучително и со облеката, говорот, манирите и дугите особености што таа личност ги прифаќа како свои врз основа на тој родов идентитет.

Убеден сум и во тоа дека многумина од нас во своето поблиско или подалечно опкружување познаваат или знаат за такви личности.

И сега, новите предлог законски одредби имаат за цел да им го олеснат животот на овие наши сограѓани, трансродовите личности, кои се најчесто невидливи, отфрлени и дискриминирани од најблиската околина, во образовниот процес, здравствените, правните и останатите институции. Тешко е да се зборува за видливост, кога кај нас (како и во многу делови од светот), да се биде трансродова личност често значи да се преживува, а не да се живее.

Оваа исклученост е пресликана и во нашиот правен систем, кој пред вклучувањето на родовиот идентитет во новиот Закон за зашита од дискриминација, како прв посериозен чекор во оваа насока, практично не го препознаваше родовиот идентитет како маркер на различен општествен третман.

Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост за сите лица без исклучок и во него, за прв пат, јасно се дефинираат терминот „пол“ како биолошка и психолошка карактеристики врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи, и терминот „род“ како социјална конструкција која ги подразбира општествените својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко.

Не треба да го потценуваме правното признавање на родот бидејќи е есенцијално за трансродовите луѓе за да можат да живеат достоинствен живот. Во Македонија, личната документација значи пристап до најосновни секојдневни потреби и услуги. Во случаи на отсуство на документи кои го рефлектираат нашиот род или родовиот идентитет како личната карта, пасошот и матичниот број, учеството во општествениот живот станува проблематично.

Истражувањето „Трансродово искуство: идентитети, тела, насилство и социјализација“ покажа дека еден од најчестите проблеми со кој се соочува оваа група е проблемот со ознаките за пол во личните документи. Учесниците во истражувањето посочуваат различни ситуации, во банки, при користењето јавен превоз, во здравствени установи, при средби со полициски службеници, на шалтер во различни институции итн. Речиси без исклучок ваквите ситуации се стресни и понижувачки за трансродовите личности, бидејќи мора континуирано пред непознати службеници и непознати лица кои ќе се најдат да го објаснуваат својот идентитет и да ја бранат својата идентификација. Дел од испитаниците кои самите директно не се нашле во ваква ситуација, го истакнуваат стравот од таквата можност, особено доколку би се случило при средба или легитимирање на полициски службеник. Несомнено, секојдневието на транс луѓето го карактеризираат искуства на исклучување и насилство при откривање на нивниот статус, како и страв од реакции кои често вклучуваат исмејување, дискриминација, па дури и насилство.

Така, голем дел од нив не посетуваат лекар (заради податоците во здравствената книшка), избегнуваат да патуваат надвор од државата (заради податоците во пасошот) и не користат трансакциски сметки во банки (заради податоците во сметката и личната карта). Со други зборови, нивното здравје, мобилноста и благосостојбата се нарушени, а нивните животи се лишени од квалитет и достоинство.

Во Македонија е дозволена промена на името, но промената на ознаките за пол во матичниот број и личната карта не се правно регулирани, а одлуките на Управата за водење на матични книги, досега беа контрадикторни.

Е, сето ова, новото законско решение има намера да го реши. Сѐ друго што овие денови, а и претходно се прикажува(ше) како загрозување на правата на „останатите 99%“, се конструкции и изведени ситуации за кои не постои можност да бидат реални според предложеното законско решение.

Целта на предложените законски решенија е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното  обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството.

Наративот против родовата еднаквост вклучително и сексуалното образование е манипулирање на реалноста, неприфаќање на различностите и наметнување на дискриминирачки ставови за различноста.   

Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно. Да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство. Сексуално образование како придонес за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на меѓусебна почит. На љубов кон другиот како кон личност, а не како сексуален објект.

И на крајот, ако Бог е љубов, и ако на крстот ги рашири рацете за да го прегрне целиот свет, тогаш како може денес тие што го застапуваат неговото слово и неговото дело да избираат кого ќе прегрнат и кому ќе му дадат љубов?!?

Зачлени се на нашиот е-билтен