Опозициската СДСМ го обвини Зоран Љутков дека наместо да одговори зошто Владата ја укинала буџетската поддршка за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, се служи со политички обвинувања и навреди.
Во партиското соопштение се наведува дека средствата од 150 милиони евра, за кои говореле претходно, не претставувале еднократна буџетска ставка, туку, како што тврдат, повеќегодишна финансиска конструкција која требало да се реализира преку државниот буџет, локалната самоуправа, европските фондови, меѓународните програми и приватниот сектор.
Од СДСМ тврдат дека токму Владата предводена од нивната партија го спасила проектот кога, според нив, бил доведен во прашање поради постапките на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Кога Арсовска практично се откажа од проектот и го доведе во опасност губењето на европската титула, токму Владата предводена од СДСМ интервенираше за да го спаси процесот и да ја зачува довербата на европските институции“, се наведува во реакцијата.
СДСМ го повикува Љутков да објасни зошто, според нив, била укината буџетската поддршка за проектот и зошто е доведена во прашање неговата реализација, а кога зборува за криминал прво да се погледне во огледало.
Во реакцијата, опозициската партија, исто така, го обвинува Министерството за култура и туризам дека ги намалило средствата за култура, создало проблеми во функционирањето на културните институции и не обезбедило континуитет во спроведувањето на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
СДСМ оценува дека јавноста очекува одговори за иднината на проектот, а не политички препукувања меѓу власта и опозицијата.
