Премиерот Христијан Мицкоски годинава нема да користи „класичен годишен одмор“, туку со семејството ќе замине на осумдневна „екскурзија“ во Белгија – четири дена во Бриж и четири дена во Брисел. Изјавата ја даде денес, при посетата на Битола.
„Во суштина нема да имам класичен одмор, ќе биде еден вид екскурзија“, рече Мицкоски. Со оваа јазична формула, осумдневното семејно патување во две од најпознатите белгиски туристички дестинации беше претставено како нешто поразлично од одмор.
Белгија, притоа, не е евтина дестинација. Според податоците на Евростат за 2025 година, општото ценовно ниво во земјата било околу 16 проценти над просекот на Европската Унија, со што Белгија се вбројува меѓу поскапите членки. Цените во рестораните и сместувачките капацитети биле околу 17 проценти над европскиот просек.
За споредба, цените во рестораните и сместувањето во Македонија биле на ниво од околу 48 проценти од просекот на ЕУ. Тоа не ја покажува конкретната цена на патувањето на премиерот, но ја илустрира големата ценовна разлика меѓу домашниот стандард и избраната дестинација.
Во објавената изјава нема информации колку ќе чини престојот, каде ќе биде сместено семејството и како ќе биде финансирано патувањето. Нема ниту навод дека станува збор за службена посета, туку за приватно семејно патување.
Правото на одмор не е спорно ниту за премиер. Но, јавноста доби необично објаснување: осум дена во Бриж и Брисел не биле годишен одмор, туку „екскурзија“. Името е различно, патувањето останува исто.
