Културниот едукативен центар „Лабораториум“, во рамките на летната фестивалска програма „Скопје вибрира“, на 31 јули и 1 август организира две филмски вечери под отворено небо, посветени на современата француска кинематографија.
На 31 јули, со почеток во 21:00 часот, ќе биде прикажан филмот „En Corps / Повторно раѓање“, во режија на Седрик Клапиш – инспиративна приказна за млада балерина која, по сериозна повреда, повторно го пронаоѓа својот пат низ светот на современиот танц.
На 1 август, исто така со почеток во 21:00 часот, ќе следува проекцијата на „Le Roman de Jim / Романот за Џим“, во режија на Арно и Жан-Мари Ларије – топла и емотивна драма за љубовта, родителството и семејството што го градиме преку сопствените избори.
Влезот за двете проекции е бесплатен. Поради ограничениот број места, посетителите се охрабруваат да пристигнат порано.
Филмските вечери се реализираат со поддршка на Францускиот институт во Скопје, како дел од фестивалот „Скопје вибрира“
Фестивалот нуди мултимедијална летна програма посветена на современата уметност, младинската култура и социјализацијата во градот. Настаните се одржуваат во Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во текот на јули и август, со цел да го активираат градот во периодот на летните одмори, да создадат простор за промоција на млади уметници и да ѝ понудат на публиката можност за нови културни искуства и запознавање со актуелни и несекојдневни теми.
