На 6 август 2016 година, за само неколку часа, поројна вода ги претвори улиците и домовите во североисточниот дел на Скопје во смртоносна замка. Во поплавите загинаа 22 лица, повеќе од 60 беа повредени, а над илјада жители беа евакуирани.
Денеска се навршуваат десет години од една од најголемите природни катастрофи во поновата историја на главниот град.
Попладнето на 6 август 2016 година Скопската Котлина ја зафати силно невреме проследено со обилен дожд, ветер и голем број електрични празнења. Најтешко беа погодени Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Виниче, Црешево, Страчинци и делови од Арачиново.
Според податоците објавени по невремето, во текот на 24 часа во Скопје наврнале 92,9 литри дожд на квадратен метар. На метеоролошката станица на Зајчев Рид бил измерен рекорден петчасовен интензитет од 84,5 милиметри, а во првите два часа биле регистрирани повеќе од 800 громови.
Водата нагло се спуштила од падините на Скопска Црна Гора кон населените места. Пороите носеле автомобили, кал, камења, дрвја и делови од објекти. Во дел од погодените населби водата навлегла во куќите за неколку минути, оставајќи им многу малку време на жителите да се засолнат.
Најголемиот број жртви биле пронајдени во реоните на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново. Поплавени и оштетени биле голем број домови, земјоделски површини, деловни објекти и патна инфраструктура. Во одделни населени места биле погодени повеќе од 70 проценти од куќите, а во некои села штетите биле присутни во речиси секое домаќинство.
Поплавите предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија, блокирани патишта и свлечишта. Спасувачките екипи, полицијата, Армијата, пожарникарите и граѓаните во текот на ноќта пребарувале куќи, дворови, канали и возила во потрага по преживеани и исчезнати лица.
Во следните денови, илјадници волонтери од цела Македонија пристигнуваа во погодените населби. Се расчистуваа калта и отпадот, се испумпуваше вода од домовите и се собираа храна, вода, облека, средства за хигиена, душеци и градежен материјал.
Црвениот крст обезбедил десетици тони вода за пиење, храна и основни средства за најмалку илјада лица. Помошта се распределувала во координација со кризниот штаб и локалните институции.
Покрај солидарноста, трагедијата отвори и прашања за превенцијата, одржувањето на каналите, урбанизацијата, управувањето со поројните води и подготвеноста на институциите за екстремни временски појави. Хелсиншкиот комитет тогаш оцени дека дел од погодените семејства и неколку дена по поплавата немале редовен пристап до вода, храна и соодветна здравствена заштита.
Европскиот систем „Коперникус“ бил активиран за сателитско мапирање на поплавените подрачја, со цел да се утврдат размерите на катастрофата и да се помогне при спасувањето и процената на штетите.
На 8 август 2016 година во Македонија беше прогласен Ден на жалост. Денес, на десетгодишнината од катастрофата, Скопје се сеќава на 22-те луѓе кои ги загубија животите во поплавата.
