Потпишани договорите за пругата Крива Паланка – Деве Баир

Во Владата денеска беа потпишани измените на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, со што се отвора патот за почеток на третата фаза од источниот железнички крак на Коридорот 8.

Станува збор за договор за инвестициски грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и договори за финансирање со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. За изградбата се обезбедени 149 милиони евра неповратни средства од Европската Унија.

Измените биле неопходни по поместувањето на договорите за заем и отпаѓањето на ИПА-грантот од 60,77 милиони евра. Претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел, изјави дека поради тоа морале да се приспособат структурата за спроведување на проектот и планот за финансирање.

Изборот на изведувач е предвиден за есен, по што треба да почнат градежните работи. Тендерот за надзор веќе е во тек, додека постапката за избор на компанија што ќе ја гради пругата треба да биде спроведена во една фаза.

Новата железничка делница ќе биде долга околу 23,4 километри и ќе води од Крива Паланка до прекуграничниот тунел кон Бугарија. Проектот предвидува изградба на едноколосечна електрифицирана пруга, 22 тунели, 52 мостови и вијадукти, железничка станица во Крива Паланка и ново стојалиште во Жидилово.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новата поставеност на проектот треба да спречи пругата да заврши кај недовршен тунел без функционално поврзување со бугарската железничка мрежа. Според него, постигнат е договор со Бугарија за заедничка изградба на прекуграничниот тунел.

Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека на крајот од август во Скопје треба да се одржи втор состанок на македонско-бугарската работна група. Двете држави потоа треба заеднички да побараат грант од ЕУ, ЕИБ и ЕБОР за изградбата на тунелот.

Делницата Крива Паланка – Деве Баир е последната од трите фази на железничкото поврзување со Бугарија. Пругата Куманово – Бељаковце е завршена, додека на линијата Бељаковце – Крива Паланка продолжуваат градежните работи.

Најчитано