Трамп го сака Ормускиот теснец за САД, Техеран му возврати, ќе остане ирански

нафтата

Ормускиот теснец повторно стана центар на опасната пресметка меѓу Вашингтон и Техеран, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека наскоро би можел да го прогласи стратешкиот воден премин за територија на САД. Од Иран веднаш возвратија дека теснецот останува под иранска контрола и дека Вашингтон не може да го преземе ниту со воени закани, ниту со политички изјави.

Трамп, говорејќи во Њујорк, рече дека по, како што ја опиша, победата над Иран, наскоро би можел да го прогласи Ормускиот теснец за американска територија. Тој тврди дека САД веќе имаат фактичка контрола врз преминот преку поморската блокада и дека ниту еден брод не може да помине без американско одобрение. Засега не е јасно дали изјавата претставува конкретна промена во американската политика или нова ескалација во реториката на Трамп.

Само два дена претходно Трамп објави дека САД имаат „целосна контрола“ врз теснецот и порача дека Вашингтон можеби ќе го задржи. Ормускиот теснец, меѓу Иран и Оман, е меѓународно значаен поморски коридор низ кој пред почетокот на војната минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта.

Одговорот од Техеран беше директен. Заменик министерот за надворешни работи Казем Гарибабади порача дека Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора само по одлука на Иран. Тој оцени дека контролата врз теснецот не може да се преземе со изјава, носач на авиони или политички говор.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи истовремено соопшти дека Техеран сè уште не донел одлука за продолжување на директните преговори со САД. Според него, пораките што се разменуваат преку Катар и Пакистан не претставуваат формални преговори, а разговорите со Оман се насочени кон можните правила за пловидба низ теснецот.

Тензиите веќе имаат сериозни последици за светската трговија. Според податоците за движењето на бродовите, во петокот низ Ормускиот теснец поминале само два брода и не бил регистриран транспорт на сурова нафта. Пред војната низ истиот коридор дневно минувале повеќе од 130 пловила.

Застојот во пловидбата и продолжувањето на конфликтот ги туркаат нагоре и цените на енергенсите. Додека Трамп тврди дека американската блокада е во интерес на светската безбедност, Техеран инсистира дека нема да го отвори Ормускиот теснец без исполнување на неговите услови, а преговорите за нов договор засега остануваат во застој.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?