Диела, виртуелната министерка со која албанскиот премиер Еди Рама најави борба против корупцијата и почисти јавни набавки, денес се соочува со непријатен парадокс. Агенцијата што ја создаде е во центарот на голема истрага за наводно местење тендери, со осомничени високи функционери, сомнежи за соработка со организирана криминална група и запленет имот вреден повеќе од 40 милиони евра.
Диела беше создадена од албанската Национална агенција за информатичко општество, АКШИ, првично како виртуелен асистент на платформата е Албанија. Во септември 2025 година доби статус на виртуелна министерка за вештачка интелигенција, а Рама ја претстави како еден од инструментите со кои државата треба да ги направи јавните набавки потранспарентни и да го намали просторот за корупција. Официјалната страница на албанската влада и денес ја претставува Диела како дел од пошироката стратегија за дигитализација и добро управување.
Но, токму во АКШИ, институцијата што стои зад нејзиниот развој, специјалните обвинители отворија случај што фрла поинаква светлина врз амбициозната приказна за технологија против корупцијата.
Според истражувањето на OCCRP, раководители на агенцијата се осомничени дека манипулирале со јавни набавки во корист на криминална група која, според обвинителите, имала привилегиран пристап до договорите на АКШИ. Во судските документи на кои се повикува истражувањето се наведуваат и сомнежи дека службени лица добивале мито, меѓу другото и готовина скриена во кутии за вино.
Албанските медиуми, повикувајќи се на истрагата на СПАК, објавија дека директорката на АКШИ, Мирлинда Карчанај, и заменик директорката Хава Делибаши биле ставени во куќен притвор. Бизнисмените Ергис Агаси и Ермал Беќирај се осомничени дека формирале структурирана криминална група за влијание врз тендерите, а истрагата опфаќа и сомнежи за употреба на насилство и киднапирање.
Еден од најтешките делови од случајот се однесува на технолошки претприемач кој, според неговото сведочење пред обвинителите, бил киднапиран и принудуван да ги повлече жалбите што неговата компанија ги поднела за повеќе од десет тендерски постапки на АКШИ. Обвинителите се сомневаат дека целта била да се отстрани пречката за договори со компании поврзани со осомничената група.
Во рамки на случајот, властите наредиле заплена на недвижности, возила, банкарски сметки и готовина во вкупна вредност поголема од 40 милиони евра. Истрагата сè уште трае и случајот не е стигнат до судење, поради што наводите против осомничените не претставуваат правосилно утврдена вина.
Важно е, сепак, да се направи разлика меѓу истрагата и самата Диела. Развојот на виртуелната министерка не е меѓу тендерите што, според OCCRP, се опфатени со истрагата. Нема ниту доказ дека самиот систем Диела бил користен за местење јавни набавки.
Политичкиот парадокс, сепак, останува. Владата на Рама ја промовираше Диела како технологија што треба да го намали човечкото влијание, клиентелизмот и корупцијата во државните тендери, додека обвинителите во исто време истражуваат дали токму во институцијата што ја создала постоел систем за манипулација со јавни набавки.
Експерти за дигитализација цитирани од OCCRP предупредуваат дека вештачката интелигенција не може сама да ја гарантира чистотата на институциите, бидејќи нејзините податоци, правила и одлуки на крајот зависат од луѓето кои го создаваат, управуваат и контролираат системот.
