Кембриџ го славеше, потоа почнаа прашањата: подемот и падот на Џејсон Ардеј

Кога во 2023 година Џејсон Ардеј влезе во Кембриџ како најмладиот црн професор во историјата на универзитетот, неговата биографија звучеше како приказна создадена за насловните страници. Како дете бил дијагностициран со аутизам и развојни тешкотии, според сопственото сведоштво не зборувал до 11 години, а не знаел да чита и пишува до 18. Помалку од две децении подоцна станал професор на еден од најпрестижните универзитети во светот.

Три години подоцна, приказната изгледа сосема поинаку.

Ардеј на 5 август поднесе оставка од Кембриџ по недели во кои под лупа беа ставени неговиот докторат, научните трудови, академските позиции, спортските подвизи, хуманитарната работа, па дури и делови од личната биографија. Неколку дена подоцна, 41-годишниот професор беше пронајден без знаци на живот во Батерси, јужен Лондон. Полицијата соопшти дека смртта е неочекувана, но не се смета за сомнителна.

Со тоа заврши животот на човек кој за само неколку недели од академска ѕвезда се најде во центарот на една од најжестоките полемики во британското високо образование.

Сè почна со неговиот докторат од 2015 година на Универзитетот „Ливерпул Џон Мурс“. Британските медиуми објавија дека во тезата биле идентификувани повеќе од 100 пасуси кои се идентични или многу слични со делови од докторски труд на истражувачката Пола Звоздиак-Мајерс, објавен шест години претходно.

Ардеј ги отфрлаше обвинувањата за плагијат.

Важен дел од приказната е дека неговиот матичен универзитет претходно веќе ги разгледувал наводите и не утврдил плагијат или академски прекршок. Според објавените информации, спорните места биле оценети како резултат на „чесна и разумна грешка“. Самиот Ардеј тврдеше дека неговата работа била предмет на повеќе проверки и дека ниту една од нив не утврдила плагијат.

Но прашањата не запреа кај докторската дисертација.

Под сомнеж беа ставени и негови понови научни трудови. За два труда објавени во 2018 и 2020 година претходно биле издадени корекции, а дополнителни анализи во британските медиуми отворија прашања за податоци и недоследности во дел од неговото истражување.

Кембриџ првично застана цврсто зад својот професор. Во јуни Универзитетот обвинувањата ги нарече дел од „гнасна кампања“ насочена кон поткопување на неговиот кредибилитет и посочи дека наводите за неговата теза и публикации веќе биле испитувани.

Потоа пристигнаа нови прашања.

Не беа поврзани само со научните трудови, туку и со биографијата со која Ардеј се претставувал во академскиот свет.

Официјалната страница на Кембриџ го наведувала како гостински професор на Универзитетот „Охајо стејт“, гостински професор во Глазгов и почесен професор на Универзитетот Дурам.

Кога новинарите почнале да ги проверуваат позициите, „Охајо стејт“ и Глазгов соопштиле дека Ардеј не ги извршувал наведените гостински професури, додека Дурам кажал дека повеќе немал функција таму.

Слична дилема се појавила и околу тврдењето дека завршил магистерски студии по психодинамички практики на Универзитетот „Биркбек“ во Лондон и станал квалификуван советник. „Гардијан“ објави дека од Универзитетот не успеале да најдат податоци дека лице со името Џејсон Ардеј студирало таму.

Во неговите биографии се појавувала и книга со наслов „Being Young, Black and Male: Challenging the Dominant Discourse“, наводно објавена од „Palgrave Macmillan“. Издавачот потврдил дека добил предлог за книгата, но дека таа никогаш не била објавена.

Тука приказната излезе од академските кабинети и стана уште понеобична.

Ардеј со години раскажувал дека за добротворни цели трчал 30 маратони за 35 дена. Во неговата верзија, за време на предизвикот доживеал епилептичен напад и ја повредил ногата, но сепак продолжил и истрчал уште девет маратони. Тој тврдел и дека во друг предизвик истрчал 600 милји за шест дена, резултат кој би го ставил во самиот светски врв на ултрамаратонското трчање. Подоцна објаснил дека предизвикот всушност траел 12 дена бидејќи меѓу тркачките денови имал одмор.

Тврдел и дека како младинец играл за Кристал Палас, а потоа 12 години полупрофесионален фудбал. Клубот соопштил дека нема архиви од периодот за кој станува збор, додека постојат податоци дека Ардеј навистина настапувал за Левишам Бороу во пониските дивизии на англискиот фудбал.

Уште поголемо внимание привлече хуманитарната работа.

Во различни настапи Ардеј тврдеше дека во период од две децении помогнал да се соберат пет, а во некои верзии 5,5 милиони фунти за добротворни цели. Кога бил прашан како е собрана сумата, тој одговорил дека станувало збор за резултат на работата на повеќе групи и колективи во текот на дваесет години. За дел од луѓето со кои работел тврдеше дека не може да зборува поради договори за доверливост.

Ардеј зборувал и за патувања во Јужна Америка и Западна Африка каде, според неговите претходни изјави, со WaterAid поставувал извори на вода. Организацијата, сепак, соопштила дека не испраќа свои волонтери во странство на такви мисии.

Во меѓувреме под лупа се најде и најпознатиот дел од неговата животна приказна.

Ардеј со години зборуваше дека како дете бил невербален до околу 11-годишна возраст. Некои поранешни соученици во разговори со британските медиуми го оспорија тоа сеќавање и го опишаа како дете кое зборувало и се шегувало. Други луѓе кои го познавале во тој период, пак, ја поддржаа неговата верзија и се сеќавале на многу повлечено дете кое добивало дополнителна помош. Затоа и овој дел од приказната остана спорен, а не дефинитивно разрешен.

Најчувствителниот дел од целиот случај беа тврдењата на Ардеј дека по неговото назначување на Кембриџ бил изложен на сериозен расистички терор.

Дека примал расистички пораки и закани не беше спорно. Кембриџ презел дополнителни безбедносни мерки, меѓу кои проверка на неговата електронска и физичка пошта, засилен видеонадзор и панични аларми.

Но дел од најтешките инциденти што ги опишувал Ардеј не можеле независно да бидат потврдени. Тој тврдел дека маскиран човек двапати влегол во факултетот и му се заканувал, еднаш и со нож, но на снимките од камерите не бил забележан таков упад. Во друг случај Ардеј тврдеше дека отсечена свинска глава била оставена пред домот на неговите родители и дека полицијата спровела истрага меѓу локалните месарници. Метрополитен полицијата подоцна соопштила дека описот на таква полициска истрага не е точен.

Токму тука случајот стана поголем од самиот Ардеј.

Еден од луѓето кои најгласно ги отворија прашањата за неговиот докторат беше Натен Кофнас, поранешен истражувач на Кембриџ чии ставови за расата претходно предизвикаа големи контроверзии. Кофнас во минатото тврдеше дека во меритократски систем црните луѓе практично би исчезнале од поголемиот број престижни позиции надвор од спортот и забавата.

За Ардеј и неговите поддржувачи тоа беше доказ дека легитимните прашања за академскиот интегритет се претвораат во поширока кампања против истакнати црни академици.

За неговите критичари, пак, расистичките напади не можат да бидат причина да не се проверуваат сериозни прашања за плагијат, квалификации и биографски тврдења.

Кембриџ на крајот ја смени позицијата. Откако добил, како што соопшти Универзитетот, „нови информации“ за квалификациите и почесните позиции на Ардеј, беше отворена нова истрага. По неговата оставка, Универзитетот најави и независно преиспитување на околностите под кои бил назначен и на процедурите за избор на високи академски кадри.

Ардеј, заминувајќи од Кембриџ, нагласи дека оставката не треба да се толкува како признавање на обвинувањата. Напиша дека едноставно стигнал до границата на она што разумно може да го поднесе еден човек.

На 14 август беше објавено дека е пронајден мртов.

Неговото семејство соопшти дека со години бил изложен на малтретирање и дека кампањата со дезинформации станала неподнослива за него. Полицијата, сепак, не ја третира неговата смрт како сомнителна и не е објавен заклучок што би ја поврзал смртта со конкретен настан или лице.

Случајот сега му остави две тешки прашања на Кембриџ.

Првото е како една од најпрестижните академски институции во светот ги проверувала квалификациите и биографијата на човек кого во 2023 година го претставуваше како „исклучителен научник“.

Второто е каде завршува легитимната проверка на еден јавен академик, а каде почнува јавното понижување на човек кој истовремено бил изложен и на реална расистичка злоупотреба.

Одговорите на тие прашања нема да ги даде биографијата на Џејсон Ардеј. Нив сега треба да ги дадат институциите кои прво го издигнаа, потоа го бранеа, а на крајот почнаа да истражуваат како воопшто стигнал до една од најпрестижните професорски позиции во Британија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?