Децении по смртта на Никола Тесла, документите што американските власти ги собрале по неговата смрт продолжуваат да поттикнуваат приказни за тајните проекти на еден од најпознатите пронаоѓачи во историјата. Меѓу нив се белешки за неговиот прочуен „зрак на смртта“, стравувања дека неговите идеи би можеле да стигнат до странски сили, но и необично писмо во кое се споменуваат вонземјани и Венера.
ФБИ денес јавно објавува три дела од досието за Тесла во својата онлајн архива, како документи достапни преку американскиот Закон за слобода на информации.
По смртта на Тесла во Њујорк во јануари 1943 година, американските власти презеле контрола врз голем дел од неговите документи и лични предмети. Според објавената документација, неговите материјали биле запечатени и пренесени во складиште на Менхетен.
Посебно внимание на властите привлекувале неговите тврдења за оружје кое во документите се споменува како „зрак на смртта“. Во едно писмо упатено до тогашниот директор на ФБИ, Џ. Едгар Хувер, се посочува дека Тесла треба да биде надгледуван поради можниот интерес на странски сили за неговите идеи.
Во меморандум од 9 јануари 1943 година се споменуваат и експериментите на Тесла со безжичен пренос на енергија и неговите тврдења за развој на нов тип оружје. Блојс Фицџералд, човек кој соработувал со Тесла, наводно изјавил дека пронаоѓачот непосредно пред смртта тврдел дека го усовршил системот.
Американските служби биле загрижени и дека дел од материјалите може да завршат во рацете на луѓе кои би ги пренеле надвор од земјата. Во документите се споменува и Сава Косановиќ, роднина на Тесла и југословенски дипломат, за кого постоеле сомневања дека се обидувал да дојде до неговите белешки.
Најнеобичниот дел од досието, сепак, нема директна врска со научната работа на Тесла.
Меѓу материјалите што ги собирале американските служби се наоѓа писмо од 1950-тите во кое авторот тврди дека била направена машина според нацртите на Тесла која овозможувала „меѓупланетарна комуникација“. Во истото писмо се наведува и бизарно тврдење дека луѓе кои работеле на проектот биле посетувани од вонземјани, кои наводно им кажале дека Тесла потекнувал од Венера и бил донесен на Земјата како бебе.
Самото присуство на писмото во архивата на ФБИ, сепак, не значи дека американските власти го сметале неговото тврдење за вистинито, ниту дека документот претставува доказ за каква било комуникација со вонземјани. Станува збор за материјал кој бил дел од информациите собрани од службите во периодот по смртта на Тесла.
Она што документите навистина го покажуваат е големиот интерес на американските власти за неговите истражувања во последните години од животот, особено за идеите што можеле да имаат воена примена.
Денес досието за Никола Тесла е достапно преку официјалната архива на ФБИ и содржи три одделни збирки документи.
