Македонија има свое место во Европасо својот јазик, идентитет и антифашистичко наследство, а европската иднина е заедничка национална задача што треба да обезбеди подобар живот и можности за младите во сопствената држава, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на маршот „Непокор. Борба. Иднина” во Прилеп, по повод 85 години од Народното востание и Антифашистичката борба.
„Македонија има свое место во Европа со својот македонски јазик, со својот идентитет и со своето антифашистичко наследство”, истакна Филипче.
Тој нагласи дека европската перспектива е продолжување на историската обврска да се чува, развива и зајакнува македонската држава. Осврнувајќи се на Илинден, АСНОМ, независноста и членството во НАТО, Филипче посочи дека секоја генерација има свој придонес и своја одговорност во таа борба.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. И тоа е нашата историска задача”, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека празните училишни клупи се аларм за иднината на Македонија и дека иселувањето на младите не смее да се прифати како нормалност.
„Не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина”, нагласи Филипче.
Обраќајќи им се на младите, тој порача дека нивната денешна битка е битката за иднината и дека СДСМ е тука да ја води заедно со нив. Европските можности за секое младо момче и девојка во Македонија ги постави како следна голема заедничка национална задача.
Филипче истакна дека европската интеграција треба да биде конкретна национална цел околу која ќе се обединат сите сили во општеството.
„Европската интеграција не е проект на СДСМ. Не е проект на една влада, не е проект на една генерација. Тоа е децениски македонски стремеж за подобра иднина, за слободна, праведна и европска Македонија. За држава во која секој човек ќе има достоинство и иднина”, порача Филипче.
Оддавајќи почит на борците од Народноослободителната борба, тој нагласи дека чувањето на нивниот аманет подразбира одговорност Македонија да се изгради како успешна европска држава, со слобода, правда и достоинствен живот за граѓаните.
„Патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика”, истакна
претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

