Опозицискиот СДСМ реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за јулската инфлација од 2,3 отсто, оценувајќи дека споредбата со 2022 година е „намерна и манипулативна“.
Од партијата велат дека Мицкоски ја споредува актуелната инфлација со 2022 година, кога инфлацијата на трошоците на живот достигна 16 отсто, а индексот на цените на мало околу 14 отсто.
Според СДСМ, 2022 година била период на исклучително тешка светска економска и енергетска криза, во постковид периодот и со почетокот на војната во Украина, поради што не може да се користи како единствена референтна точка за оценување на денешниот животен стандард.
„Никој не спори дека инфлацијата денес е пониска од рекордните нивоа од 2022. Но тоа не значи дека животот е поевтин“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека пониската стапка на инфлација значи дека цените растат со побавно темпо, но не и дека се вратиле на нивото од пред кризата.
Според нив, куповната моќ на граѓаните е намалена, а основните производи што во 2021 година чинеле 1.000 денари денес чинат околу 1.300 денари.
СДСМ посочува и дека додека Владата ја истакнува стапката од 2,3 отсто, транспортот само во еден месец поскапел за 4,4 отсто. Храната, додаваат од партијата, формално благо поевтинила во однос на претходниот месец, но цените и натаму остануваат значително над нивото од пред кризата.
„Статистиката мери проценти. Граѓаните плаќаат сметки“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ обвинуваат дека Владата намерно го избира најлошиот економски период од последните години како основа за споредба, со цел сегашната состојба да изгледа подобра отколку што, според нив, реално е.
„Инфлацијата можеби е 2,3 проценти. Но сметките на граѓаните сè уште се многу повисоки“, велат од СДСМ, додавајќи дека тоа не може да се промени со прес-конференции и презентација на статистички податоци.
Опозициската партија оценува дека граѓаните имаат своја „статистика“ – онаа што ја гледаат во паричникот и при купувањето на основните производи.
