Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго прерасна во најсмртоносната што земјата ја има регистрирано. Според најновите владини податоци, потврдени се 4.945 случаи и 2.325 починати, со што бројот на жртви веќе го надмина оној од големата епидемија во периодот 2018-2020 година.
Само во последните 24 часа биле регистрирани уште 101 инфекција и 33 смртни случаи. Повеќе од 1.000 пациенти се опоравиле, додека околу 730 лица и натаму се наоѓаат во болници или изолација. Светската здравствена организација предупредува дека вирусот се шири со „исклучително темпо“. Во последниот неделен пресек биле евидентирани 579 случаи и 304 починати.
Ова е 17. епидемија на ебола во историјата на Конго, но по бројот на починати веќе е најтешката. Претходната најсмртоносна епидемија во земјата, од 2018 до 2020 година, однесе 2.299 животи. Сегашната криза е втора најсмртоносна епидемија на ебола во светот, по катастрофалната епидемија во Западна Африка од 2014 до 2016 година.
Особено загрижува брзината со која бројките растат. На 30 јули СЗО регистрираше 3.605 потврдени случаи и 1.587 починати во Конго. За нешто повеќе од две недели официјалниот број порасна за повеќе од 1.300 случаи и над 700 смртни случаи.
Епидемијата почна во североисточната провинција Итури, каде првите случаи беа поврзани со рударскиот град Монгбвалу. СЗО смета дека вирусот можеби циркулирал уште од февруари, неколку месеци пред властите официјално да ја прогласат епидемијата на 15 мај. Оттогаш заразата се прошири во повеќе провинции на истокот на земјата.
Сегашната епидемија ја предизвикува пореткиот сој Бундибуѓо. За разлика од сојот Заир, против кој постојат одобрени вакцини и терапии, за Бундибуѓо во моментов нема одобрена вакцина или специфичен третман. Во Итури веќе се спроведуваат клинички испитувања на експериментални терапии и вакцини.
Смртноста исто така нагло се зголемува. Во почетокот на јуни таа била околу 20 проценти, додека најновите податоци покажуваат дека се приближува кон половина од потврдените случаи. Здравствените експерти предупредуваат дека тоа не мора да значи дека вирусот станал посмртоносен, туку дека голем број заразени доцна стигнуваат до медицинска помош, а дел од случаите се откриваат дури по смртта.
Справувањето со заразата дополнително го отежнува состојбата во источниот дел на Конго. Во регионот има вооружени конфликти, напади врз здравствени установи, раселено население, лоша патна инфраструктура и недоверба кон здравствените работници. Дел од медицинскиот персонал штрајкувал поради неисплатени плати, а дезинформациите дополнително ја усложнуваат изолацијата и следењето на контактите.
Од „Лекари без граници“ предупредуваат дека голем дел од новите случаи се откриваат надвор од групите кои веќе биле ставени под надзор, што укажува дека постојат синџири на заразување кои здравствените служби се уште не успеале да ги идентификуваат. Во некои семејства во Итури починале и по 15 роднини.
Заразата веќе ја премина и границата на Конго. Во Уганда беа регистрирани 20 потврдени случаи, од кои дел биле внесени од Конго, а дел биле секундарни инфекции. Имаше и поединечни случаи поврзани со Конго кај лица кои подоцна беа лекувани во Франција и Германија.
Обединетите нации обезбедија дополнителни 30,5 милиони долари и испратија нов персонал за поддршка на одговорот. Хуманитарниот координатор на ОН Том Флечер ја нарече ситуацијата „повик за будење“ и побара побрза и посилна меѓународна реакција.
Еболата се пренесува преку директен контакт со крв и други телесни течности на заразено лице или животно, како и преку контаминирани предмети. Не се шири како грип преку обичен престој во иста просторија, но заразените лица стануваат инфективни кога ќе развијат симптоми. Болеста може да предизвика висока температура, слабост, повраќање, дијареја и во тешки случаи крвавење и откажување на органите.
