Требало да биде обично копање за базен, а завршило со откривање вистинско богатство. Жител на Невил-сир-Сон, во близина на Лион, во сопствениот двор пронашол пет златни прачки и голем број златници, внимателно спакувани во пластични кеси и закопани под земја.
Човекот ја купил куќата само една година претходно и немал никаква претстава дека под дворот се крие злато. Кога при ископувањето се појавиле кесите, наместо да го задржи откритието во тајност, случајот веднаш го пријавил во општината.
Токму тоа било клучно за подоцна легално да го задржи богатството.
Регионалната дирекција за културни работи требало прво да утврди дали станува збор за археолошко откритие. Доколку златото имало археолошка или научна вредност, француската држава можела да побара дополнителна експертиза и да интервенира во поглед на сопственоста. Но проверката покажала дека прачките се релативно нови.
На секоја од петте златни прачки имало идентификациски број. Истражителите преку нив успеале да утврдат дека златото било претопено во компанија од регионот на Лион пред приближно 15 до 20 години. Полицијата проверила и дали потекнува од кражба или друго кривично дело, но било утврдено дека златото било стекнато легално.
Францускиот Граѓански законик го дефинира богатството како скриен или закопан предмет врз кој никој не може да докаже сопственост и кој е пронајден случајно. Кога такво богатство ќе биде пронајдено на сопствен имот, под определени услови може да му припадне на пронаоѓачот.
Во овој случај не бил утврден друг сопственик, златото немало археолошко значење и не потекнувало од криминал, па човекот добил можност да го задржи.
Најголемата мистерија сепак останува нерешена.
Претходниот сопственик на куќата починал пред да биде откриено богатството, а засега нема информации кој ги закопал петте прачки и златниците, ниту зошто токму тоа место во дворот било избрано за скривалиште.
Човекот сакал само базен во дворот. Наместо тоа, неколку метри ископана земја му донеле богатство вредно околу 800.000 евра.
