Граѓаните кои живеат во подрачјата погодени од западнонилската треска ќе добиваат СМС-пораки со препораки и конкретни мерки за заштита од комарци, најави министерот за здравство Сашо Клековски. Мерката доаѓа во момент кога во Македонија се потврдени 35 случаи, тројца пациенти починаа, а шестмина се во критична состојба.
СМС-пораките треба да ги потсетуваат жителите како да го намалат ризикот од каснување од комарци и што да преземат во својата непосредна околина. Но зад оваа мерка останува многу посериозното прашање, колку ефикасно општините ја спровеле основната заштита од комарци пред да дојде до ширење на заразата.
Клековски откри дека во Општина Студеничани воопшто не било извршено прскање против комарци, иако подрачјето било наведено во препораките за третирање. Во Илинден, каде според министерот било прскано трипати, се регистрирани три случаи на западнонилска треска.
Министерот најави дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонредни контроли за да утврди како општините ги спроведувале плановите за прскање. Ќе продолжат и вонредните третмани против комарци, покрај веќе планираните редовни прскања. Во погодените подрачја ќе се врши и засилена контрола на живината.
Клековски претходно апелираше граѓаните да ги отстрануваат насобраните води од дворовите и, каде што е можно, да ги празнат базените кои не се користат. Застоената вода создава услови за размножување на комарците кои го пренесуваат вирусот.
Западнонилската треска најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Според Институтот за јавно здравје, околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, додека кај помалку од еден процент може да се развие тешка невроинвазивна форма со воспаление на мозокот или мозочните обвивки. Ваквите форми можат да бидат и смртоносни.
Здравствените власти предупредуваат дека претпазливоста треба да биде најголема токму во следниот период. Историски, август и септември се месеците кога активноста на вирусот може да го достигне својот врв.
СМС-пораката може да помогне граѓаните навреме да добијат информации за лична заштита. Но со три починати, десетици заразени и општина во која воопшто не било прскано, справувањето со епидемијата очигледно не може да заврши со известување на мобилен телефон.
