Бранденбуршката порта, телевизиската кула и историските фасади станаа платна за светлосна уметност. Фестивалот трае до 18 октомври, а проекциите на отворено се бесплатни.
Кога ќе падне мрак, Берлин добива поинаков изглед. Знаменитостите, плоштадите и фасадите се претвораат во галерија на отворено, со светлосни проекции, движечки слики и музика. Германската престолнина од 9 до 18 октомври го одржува 22. издание на Festival of Lights, годинава под мотото „Colours of Love“ или „Боите на љубовта“.
Програмата опфаќа околу 40 локации и 150 уметнички дела и светлосни шоуа, изјавила директорката на фестивалот Биргит Цандер за јавниот сервис rbb24. Главните проекции се прикажуваат секоја вечер од 19 до 23 часот.
ЗНАМЕНИТОСТИТЕ КАКО ПЛАТНА ЗА УМЕТНОСТ
Меѓу главните точки се Бранденбуршката порта, Берлинската катедрала и телевизиската кула. Со проекции приспособени на архитектурата, нивните површини стануваат дел од уметничките приказни. На Бебелплац, светлосните композиции на околните фасади се придружени со музика, додека Потсдамер плац нуди повеќе различни инсталации.
Годинешната тема ја поставува љубовта во средиштето на фестивалот, со порака за поврзаност и меѓусебна почит. Организаторите ја користат светлосната уметност за да создадат нов поглед кон познатите градски простори.


ДИГИТАЛНИ АВАТАРИ, „BABYLON BERLIN“ И СВЕТЛЕЧКИ ПЕПЕРУТКИ
Дел од програмата ги вклучува и посетителите. На фасадата на Концертната куќа на Жандарменмаркт можат да проектираат сопствен дигитален аватар, со идеја да се создаде голема дигитална книга на гости.
Во квартот Николај се прикажуваат сцени од серијата „Babylon Berlin“, кои го враќаат погледот кон дваесеттите години на минатиот век. Во улицата Алте Потсдамер, пак, светлечки пеперутки се поставени меѓу крошните на дрвјата.
Според „Берлинер Моргенпост“, годинава првпат во програмата е вклучен и Олимпискиот стадион. Покрај надворешното осветлување, во неговата внатрешност се организираат посебни светлосни шоуа со музика.
БЕСПЛАТНА ПРОШЕТКА, ПОСЕБНИ ПРОГРАМИ СО БИЛЕТИ
Светлосните атракции на отворено се бесплатни, па посетителите можат самостојно да ја изберат својата маршрута. Достапни се и организирани разгледувања пеш, со автобус или со брод.
За дополнителните програми во Берлинската катедрала се купуваат билети. До 11 октомври се одржува „Beyond the Light: Reflections“, получасовно тридимензионално видеошоу. Од 13 до 17 октомври следува „Festival of Lights in Concert“, со електронска амбиентална музика и настапи на Westbam, Alle Farben, Klangkarussell и други артисти.
Фестивалот е и голем есенски туристички настан за Берлин. Според официјалната туристичка организација visitBerlin, минатогодишното издание привлекло повеќе од три милиони посетители во осум фестивалски вечери. Годинава светлосната галерија останува отворена десет ноќи до недела, 18 октомври.

