ВИДЕO: Трамп нервозно кон новинарка на CNN: Биди тивка!

Трамп нервозно кон новинарка на CNN реагираше во Овалната соба, откако дописничката на телевизијата од Белата куќа, Кристен Холмс, се обиде да му постави прашање за односите со Северна Кореја и намалувањето на американските воени вежби со Јужна Кореја. Американскиот претседател Доналд Трамп не ѝ дозволи да го доврши прашањето, неколкупати ѝ порача да биде тивка, ја нарече непочитувачка и повторно го употреби неговиот вообичаен напад кон CNN, „лажни вести“.

Инцидентот се случи на 17 август за време на настан во Овалната соба посветен на 16 годишниот спасувач Рајдер Вилијамс, кој претходно спасил десетгодишно момче од силни бранови во Калифорнија. По официјалниот дел, Трамп одговараше на новинарски прашања.

Холмс го праша дали севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун побарал од Вашингтон да ги намали заедничките воени активности со Јужна Кореја. Трамп почна да одговара, но кога новинарката се обиде дополнително да го притисне со прашање, тој ја прекина.

„Тивко, тивко, тивко“, ѝ рече Трамп, а потоа ја обвини дека се однесува со непочитување пред момчето кое било гостин во Белата куќа. Кога Холмс кажа дека е од CNN, Трамп ја нарече „гласна“ и „лажна новинарка“, повторно барајќи од неа да биде тивка.

Размената не заврши со тоа.

Подоцна Холмс го праша Трамп и за коментарите на демократскиот сенатор Џон Ософ, кој претходно го критикуваше претседателот и ја спомена неговата извршна асистентка Натали Харп. Трамп и тогаш реагираше со лични напади, а официјалниот профил на Белата куќа за брз одговор подоцна објави остри пораки против новинарката. Во една од нив беа спомнати и нејзините деца.

CNN застана во одбрана на својата новинарка и соопшти дека Холмс поставила релевантно и легитимно прашање во рамките на својата работа како дописник од Белата куќа. Телевизијата оцени дека јавните функционери имаат право да не се согласуваат со новинарското известување, но дека личните напади врз новинари поради поставување прашања се несоодветни за функцијата што ја извршуваат.

Трамп и претходно повеќепати влегувал во остри вербални конфликти со новинари, особено со претставници на медиуми чие известување го оценува како непријателско или „лажно“. Последната сцена од Овалната соба повторно ја отвори дебатата во САД за односот на Белата куќа кон критичките прашања и новинарите кои ги поставуваат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?