Секое повлекување со прстот носи нова фотографија или видео. Кога едното ќе заврши, другото почнува само. Телефонот испраќа известување за да го врати корисникот во апликацијата, а алгоритамот во меѓувреме учи што најдолго му го задржува вниманието. Токму ваквиот дизајн на Instagram и Facebook од 18 август е во центарот на едно од најважните судења досега за односот меѓу социјалните мрежи и децата.
Во федералниот суд во Оукленд, Калифорнија, почна процесот во кој 29 американски држави ја тужат Meta. Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси ги предводат тврдењата дека компанијата ги дизајнирала Facebook и Instagram на начин што ги задржува младите корисници што е можно подолго на платформите, притоа доведувајќи ги во ризик нивното ментално здравје и благосостојба. Сите 29 држави дополнително ја обвинуваат Meta дека незаконски собирала и користела лични податоци на деца. Meta ги отфрла обвинувањата.
Судењето е предвидено да трае околу шест недели. Марк Цукерберг и директорот на Instagram, Адам Мосери, се очекува да сведочат. Поротата ќе даде советодавна одлука, но конечната одлука за одговорноста на Meta ќе ја донесе федералната судијка Ивон Гонзалес Роџерс. Ако државите успеат во спорот, последицата не мора да биде само финансиска казна. Тие бараат и промени во начинот на кој функционираат платформите, меѓу кои построги ограничувања според возраста и отстранување на бесконечното скролање.
Токму затоа ова не е само американска судска хроника. Прашањето што се отвора е многу поблиско до секое семејство во кое детето тешко го остава телефонот: што има во самиот дизајн на една апликација што го прави толку лесно продолжувањето со гледање, а толку тешко прекинувањето?
Што го тера корисникот да направи „само уште еден scroll“?
Infinite scroll, односно бесконечното скролање, го отстранува природниот момент за запирање. Кај книга завршува страницата, кај телевизиска емисија завршува програмата, а кај класична интернет-страница корисникот стигнува до крајот и мора повторно да избере што ќе направи. Кај бесконечниот feed таков крај практично нема. Новата содржина се вчитува додека корисникот продолжува да го движи екранот.
Autoplay дополнително ја отстранува потребата од нова одлука. Корисникот не мора да избере дали сака да го пушти следното видео a тоа веќе почнало. Наместо секоја содржина да бара ново активно дејство, платформата го претвора гледањето во непрекинат тек.
Push известувањата работат од другата страна на истиот циклус. Дури и кога апликацијата е затворена, известувањето создава нов повод за враќање: некој реагирал, испратил порака, објавил нешто или платформата едноставно проценила дека има содржина што може да го заинтересира корисникот.
Лајковите, реакциите и бројките за прегледи носат уште еден елемент, непосредна социјална повратна информација. Тие сами по себе не докажуваат зависност, но создаваат постојан систем на награда и споредување: колку луѓе реагирале, дали објавата поминала подобро од претходната и дали пристигнала нова реакција.
Кај функциите како „streaks“, кои различни платформи ги користат за одржување континуирана активност, механизмот е уште поочигледен: корисникот се поттикнува да се враќа секој ден за да не го прекине веќе создадениот синџир. Во актуелното американско судење TikTok не е обвинет. процесот се однесува на Meta но дел од истите дизајнерски механизми веќе се предмет на посебен регулаторен спор во Европа.
Најмоќниот дел, сепак, е персонализацијата. Секој клик, задржување на видео, пребарување, следење, реакција или прескокнување може да биде сигнал од кој системот учи што најверојатно ќе го задржи конкретниот корисник. Следната содржина затоа не е случајна. Таа се избира преку систем за препораки кој постојано се приспособува на однесувањето на корисникот.
Европската комисија во февруари годинава прелиминарно оцени дека TikTok го прекршува Законот за дигитални услуги поради ризиците од неговиот зависнички дизајн. Комисијата директно ги посочи бесконечното скролање, autoplay, push известувањата и високо персонализираниот систем за препораки. Според европските регулатори, постојаното „наградување“ со нова содржина може да го поттикнува компулсивното користење и да ја намалува самоконтролата. Постапката сè уште не е конечна.
Уште позначајно за актуелното судење е што Европската комисија на 10 јули донесе сличен прелиминарен заклучок и за Instagram и Facebook. Комисијата оцени дека Meta можеби не ги проценила и намалила доволно ризиците од зависничкиот дизајн врз физичката и менталната благосостојба на корисниците, особено на малолетниците. И во оваа европска постапка експлицитно се наведуваат infinite scroll, autoplay, известувањата и персонализираните препораки. И ова е прелиминарен, а не конечен наод.
Следниот проблем е возраста. Instagram и Facebook формално бараат корисниците да имаат најмалку 13 години, но систем што главно се потпира на датум на раѓање внесен од самиот корисник лесно се соочува со прашањето како да утврди дали детето ја кажало вистината.
Meta тврди дека токму затоа инвестира во автоматско проценување на возраста. Компанијата годинава објави дека користи вештачка интелигенција и визуелна анализа за да препознае профили за кои се сомнева дека припаѓаат на тинејџери, дури и кога на профилот е внесена возраст на возрасно лице. Таквите корисници може автоматски да бидат префрлени во Teen Accounts, каде што има построги ограничувања за контакти, содржини и дел од функциите. Meta го наведува ова како доказ дека работи на заштита на младите и тврди дека проверката на возраста е проблем на целата индустрија, а не само на нејзините платформи.
Токму околу ова ќе се судрат двете страни во Калифорнија. Американските држави ќе се обидуваат да докажат дека проблемот не е само во содржините што децата ги гледаат, туку и во архитектурата на самиот производ. Meta, пак, тврди дека државите не докажале дека компанијата ги довела корисниците во заблуда или дека конкретни жители претрпеле штета и посочува на мерките што веќе ги вовела за тинејџерите.
Притисокот не доаѓа само од САД и Европската комисија. Австралија од 10 декември 2025 година бара од опфатените социјални платформи да преземат разумни мерки за лица помлади од 16 години да не можат да создаваат или да задржат профили. Одговорноста е кај платформите, а не кај децата или нивните родители. Facebook, Instagram, TikTok, Snapchat, X и YouTube се меѓу услугите на кои се однесуваат правилата.
Грција оди во слична насока. Премиерот Кирјакос Мицотакис во април најави забрана за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, со планирано стапување во сила на 1 јануари 2027 година. Грчките власти ја поврзуваат мерката со систем за проверка на возраста и бараат поширок европски пристап. Во официјалните владини соопштенија мерката беше опишувана како одлука за која треба да се донесе соодветно законодавство, па попрецизно е засега да се зборува за најавена забрана што треба да почне во 2027 година.
Но Европа покажува и колку е тешко да се повлече едноставна старосна граница. Само четири дена пред почетокот на судењето против Meta, на 14 август, францускиот Уставен совет ја блокираше законската забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години. Судот оцени дека предложените правила недоволно прецизно ги уредувале проверката на возраста, приватноста и слободата на изразување. Француската влада најави нова верзија на законот.
За децата во Македонија ниту американската пресуда ниту европскиот DSA автоматски нема да воведат нова домашна старосна граница. Но доколку судовите или европските регулатори ги принудат најголемите платформи да го менуваат основниот дизајн на своите производи, последиците може да бидат многу пошироки од една држава.
Затоа вистинскиот влог во шесте недели во Оукленд не е дали Instagram или Facebook ќе исчезнат. Американските држави изречно велат дека тоа не го бараат. Прашањето е дали карактеристики што денес изгледаат како нормален дел од секоја апликација, бесконечен feed, автоматско видео, нотификации и алгоритам што никогаш не останува без следна препорака, ќе мора поинаку да функционираат кога корисникот е дете.
