Државата не е караоке за секоја власт да ја пее по свое. Нејзината песна ја создаваат и оние без службен автомобил, обезбедување и право први да говорат. Заслугата не е амнестија, ниту критиката е предавство. Македонија им припаѓа на сите што направиле нешто свое од неа — и со тоа ја направиле малку повеќе наша.
Андреја СТОЈКОВСКИ
На 8 септември годинава се навршуваат 35 години од прогласувањето на независноста. Во претходните две колумни издвоив 70 настани, процеси и достигнувања што покажуваат како Македонија се создавала, се менувала и се обидувала да стане државата што решила да биде. Но независноста не ја создадоа само датумите. Зад референдумот, Уставот, договорите, институциите, книгите, филмовите, медалите и освоените врвови стојат луѓе. Последната колумна е за оние што на независноста ѝ дадоа содржина — со одлуките што ги донеле, институциите што ги изградиле, границите што ги поместиле и делата што останале зад нив.
Песните не може без глас, а државата без луѓе
За да се раскаже Македонија, рековме, не е доволна една песна. Потребна е цела плејлиста. Но песните не живеат само од текстот и мелодијата. Им требаат гласови.
Отсекогаш ми се допаѓале добрите гласови. Не само моќните, чистите или школуваните, туку оние што не ја оставаат песната онаква каква што ја добиле. Кога ќе ја отпеат, ја прават навистина своја. Не ја присвојуваат, туку ѝ додаваат нешто по кое повеќе не може да се слуша на истиот начин. Такви се и луѓето во оваа последна листа. Од она што го знаеле, можеле или морале да го направат, создале нешто свое. А правејќи го свое, оставиле нешто и на Македонија.
Ако една четириминутна песна може да биде толку проблематична што за да ја раскажеме Македонија моравме да посегнеме по цела плејлиста, замислете колку е поопасна листата на луѓе. Во песната може да се премолчи настан. Во листата се делат заслуги, се доделуваат улоги и се решава кој ќе биде запаметен, а кој ќе остане само нечија фуснота.
Настанот може да се опише, договорот да се прочита, а медалот да се изброи. Човекот веднаш бара да биде сакан или мразен, прогласен за херој или предавник, „наш“ или „нивен“. Кај нас биографиите ретко се читаат; за нив се навива. Затоа заслугата лесно станува партиска сопственост, а туѓиот успех нешто што мора да се намали за нашиот да изгледа поголем.
Таквата листа уште полесно станува протокол на моќта: претседатели, премиери, партиски лидери и по некој уметник или спортист за украс. Како државата да ја создаваат само луѓето со службени автомобили, обезбедување и право први да говорат, а сите други само да живеат во она што тие им го создале. Таа верзија на историјата им одговара на властите. Во неа државата секогаш почнува со нив и, ако може, завршува со нив.
Но Македонија не ја создаваа само оние што имаа власт над неа. Ја создаваа и луѓето што знаеја што да направат со својот талент, знаење, храброст или непослушност. Некои изградија институции. Други создадоа дела што ги надживеаја институциите. Некои ја претставија државата пред светот. Други ја принудија подобро да ги гледа сопствените граѓани. Некои ѝ донесоа победи; други ѝ покажаа каде греши.
Најважните меѓу нив не чекаа Македонија да им даде значење. Тие направија нешто свое од можноста што ја добиле, од пречката што им била поставена или од неправдата што одбиле да ја прифатат. Така му дадоа значење и на нејзиното име. Ова е плејлистата на тие гласови.
Што остана?
Функцијата не е доволна. Ниту титулата, наградата, популарноста или долгото присуство во јавноста. Македонија има произведено доволно поранешни функционери што зад себе оставиле само службени биографии и доволно јавни личности чија најголема заслуга е што долго биле јавни.
Секое име мора да одговори на едно едноставно прашање: што остана? Не што работел човекот, туку што направил. Не колку бил познат, туку што променил. Не дали успеал лично, туку дали неговиот успех отворил простор за други, изградил институција, поместил општествена граница, добил меѓународна вредност или го поврзал името на Македонија со нешто што вреди да се памети.
Основниот услов е придонесот да се однесува на создавањето, опстанокот, развојот или меѓународната видливост на независна Македонија. Историската заслуга пред 1991 година не е доволна ако не продолжила да создава значење и потоа. Ниту големата професионална кариера е доволна ако останала само лична биографија. Личниот успех станува дел од приказната за државата дури кога ќе произведе последица поголема од човекот што го постигнал.
Кај политичарите мерилото мора да биде уште построго. Изборната победа не е историско достигнување. Функцијата е можност за придонес, не доказ дека придонесот се случил. На листата има политичари со кои може да се поврзе конкретна одлука, процес или пресврт од државно значење. Тоа не ги ослободува од одговорноста за другите делови од нивното наследство. Заслугата не е амнестија, како што ниту грешката автоматски го брише сето она што останало зад некого.
Истото важи за граѓанското општество и медиумите. Исправниот став не е достигнување сам по себе, ниту активизмот се мери според бројот на проекти, настапи и соопштенија. Новинарската кариера, исто така, не станува историска само затоа што траела долго. И таму мора да постои последица што може да се именува: откриена вистина, добиена битка, променет закон, заштитено право или поместена граница на слободата.
Бројката е намерно поделена на 35 жени и 35 мажи. Не затоа што историјата природно произведува совршена родова аритметика, туку затоа што историското паметење упорно не се грижи за неа. Кога ваквите листи ги составуваме „природно“, жените некако природно исчезнуваат. Затоа во одредниците се поставени наизменично — еднаш прв е мажот, еднаш жената. Тоа не ги прави парови и не тврди дека нивните дела се исти или споредливи. Само не дозволува едните повторно да бидат главниот текст, а другите дополнување.
Имињата се наредени азбучно според презимето, во две паралелни низи. Редоследот не е ранг-листа, а близината на две имиња не е скриена порака. Меѓу создавањето на денарот, номинацијата за „Оскар“, пресудата против сегрегација, светското научно откритие и олимпискиот медал нема заедничка мерна единица. Азбуката не мери заслуги. Таа само ни овозможува секој човек да го читаме одделно: според она што го направил и она што останало зад тоа име.
Азбуката не мери заслуги
Бројот еден е за Стојан Андов и Анита Ангеловска-Бежоска
Стојан Андов раководеше со првото повеќепартиско Собрание во кое беа донесени Декларацијата за сувереност, одлуката за референдумот и Уставот. Во годините кога парламентарната демократија немаше ниту традиција ниту сигурен исход, ја чуваше процедурата без која политичката волја лесно станува самоволие. Зад него остана институционалната рамка во која независноста беше претворена во уставен поредок.
Анита Ангеловска-Бежоска стана првата жена гувернерка на Народната банка и ја водеше институцијата низ пандемиската, енергетската и инфлациската криза. Во земја во која довербата лесно се троши, одржувањето на монетарната и финансиската стабилност е тивко, но суштинско државно достигнување. Стандардот што го постави продолжува да се мери со независноста и отпорноста на институцијата по нејзиниот мандат.
Бројот два е за Анета Антова-Пешева и Али Ахмети.
Анета Антова-Пешева ја изгради „Унет“ во една од првите македонски информатички компании и стана еден од најпрепознатливите гласови на домашната ИКТ-индустрија. Покажа дека технолошкото претприемништво и женското деловно лидерство можат да растат заедно со независната економија. Нејзиниот придонес продолжува преку развојот на нови компании, кадри и жени што повеќе не бараат дозвола да бидат на чело.
Али Ахмети од водач на вооружената ОНА премина во лидер на партија што повеќе од две децении ја обликува власта и спроведувањето на Охридскиот договор. Неговото наследство е длабоко спорно, но политичкото внесување на поранешниот конфликт во институциите е пресврт без кој не може да се објасни постконфликтна Македонија. Неговиот придонес ќе се мери и според тоа дали интеграцијата ќе продолжи кон еднаквост и одговорност или ќе заврши како поделба на власта меѓу партиски елити.
Бројот три е за Дејан Георгиевски и Теута Арифи.
Дејан Георгиевски со среброто во Токио го освои највисокиот олимписки медал на независна Македонија. Тој го донесе таеквондото од спортските рабови во средиштето на националното внимание и покажа колкав резултат може да создаде мала, посветена школа. Неговиот придонес продолжува секогаш кога успехот ќе се претвори во услови, тренери и можност некој друг да стигне уште повисоко.
Теута Арифи беше првата Албанка вицепремиерка и првата жена избрана за градоначалничка на Тетово, по долга академска и парламентарна кариера. Функциите сами по себе не се заслуга; важно е што го прошири просторот во кој Албанките можат да се гледаат како носителки на највисока јавна одговорност. Тој придонес продолжува само ако отворената врата не остане исклучок резервиран за една биографија.
Бројот четири е за Илина Арсова и Љубчо Георгиевски.
Илина Арсова стана првата Македонка што се искачи на Еверест и на највисоките врвови на сите седум континенти. Нејзините искачувања ја отворија висинската планинарска сцена за нова генерација жени и ја поврзаа спортската извонредност со грижата за природата. Придонесот продолжува преку секоја девојка што по неа тргнува нагоре без да праша дали планината е „место за жена“.
Љубчо Георгиевски, првиот премиер по мирниот трансфер на власта во 1998, беше на чело на Владата во кризата од 2001 година и беше потписник на Охридскиот договор. Неговата улога ја носи целата противречност на тој период: одговорност за политиките што ѝ претходеа на кризата, но и прифаќање компромис со кој таа беше запрена. Неговиот јавен придонес продолжува кога сведоштвото за тие години е поискрено од партиските митови што самиот помогна да се создадат.
Бројот пет е за Киро Глигоров и Румена Бужаровска.
Киро Глигоров беше централната политичка личност на мирното осамостојување, меѓународното признавање и настојувањето Македонија да остане надвор од југословенските војни. Не остави држава без грешки, туку држава што во најопасниот миг доби независност без да ја плати цената што ја платија другите. Зад него остана независна Македонија, но и доказот дека воздржаноста понекогаш е похрабра од воинственоста.
Румена Бужаровска со расказите, преводите и јавниот ангажман ја направи современата македонска книжевност повидлива во регионот и надвор од него. Нејзиното пишување ги внесе патријархатот, лицемерството и секојдневната нееднаквост во книжевност што не бара дозвола да биде и локална и универзална. Придонесот продолжува со секој нов текст што ќе ја вознемири удобноста повеќе отколку што ќе ѝ се додворува на публиката.
Бројот шест е за Доста Димовска и Трајан Гоцевски.
Доста Димовска беше една од клучните личности во создавањето на политичкиот плурализам и во профилирањето на ВМРО-ДПМНЕ како носечка партија на новиот систем. Нејзиното наследство е противречно, особено поради безбедносниот сектор, но повеќепартиска Македонија не може да се раскаже без нејзината улога. Зад неа останаа и политичката храброст и предупредувањето колку лесно борбата за слобода може да се претвори во искушение да се контролира.
Трајан Гоцевски како прв министер за одбрана учествуваше во создавањето на одбранбениот систем и мирното преземање на границата од новата македонска армија. Помогна безбедносната сувереност да се воспостави без судир со армијата на државата од која Македонија се осамостојуваше. Неговиот придонес продолжува преку знаењето за одбраната што го пренесува и преку обврската мирот да не го толкуваме како отсуство на потреба од подготвена држава.
Бројот седум е за Дамјан Давков и Ратка Димитрова.
Дамјан Давков со три златни медали на Меѓународната математичка олимпијада стана еден од најуспешните млади математичари во историјата на земјата. Неговиот резултат направи видлива Македонија што може да се натпреварува со најсилните преку знаење, а не преку големина и ресурси. Неговата биографија допрва се пишува; вистинскиот придонес ќе биде уште поголем ако личната извонредност стане знаење што се враќа, споделува и создава други.
Ратка Димитрова припаѓаше на првата генерација пратеници и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во мигот кога се одлучуваше односот на партијата кон референдумот и осамостојувањето. Нејзините позиции помогнаа најголемата парламентарна партија да учествува на референдумот и да ја поддржи независноста. Зад неа остана потсетувањето дека во најважните одлуки од почетоците на државата жените учествувале многу повеќе отколку што подоцна било запишано.
Бројот осум е за Савка Димитрова и Никола Димитров.
Савка Димитрова го врза својот професионален пат со развојот на „Европа“ и со зачувувањето на едно од најстарите домашни индустриски имиња. Во транзиција во која многу фабрики добија сопственици, но престанаа да произведуваат, „Европа“ продолжи да создава производи, работни места и препознатлив македонски бренд. Нејзиниот придонес продолжува преку компанијата што мора и понатаму да докажува дека традицијата вреди само ако се модернизира и ги почитува луѓето што ја одржуваат.
Никола Димитров беше главен македонски преговарач и потписник на Преспанскиот договор, со кој беше затворен деценискиот спор со Грција и беше отворен патот кон НАТО. Неговото место не бара согласност со договорот, туку признавање дека го преговараше документот што ја промени меѓународната положба и уставното име на државата. Неговиот придонес ќе продолжи ако, по сопственото искуство со Преспа, и на следните компромиси им го признае истиот простор за државничка нужност што го бараше за својот — и ако објаснува не само што се плаќа, туку и што се добива.
Бројот девет е за Зоран Заев и Лидија Димковска.
Зоран Заев со објавувањето на прислушуваните разговори го разоткри заробениот систем и ја предводеше политичката промена што во 2017 година ја врати Македонија на патеката на демократизацијата. Како премиер го постигна Преспанскиот договор, ја обнови евроатлантската интеграција и го отвори патот кон членството во НАТО, иако недовршените реформи и партиските компромиси оставија дел од ветената промена неисполнет. Неговиот придонес продолжува како обврска да ги брани демократскиот простор што помогна да се отвори и европскиот пат, дури и кога следните тешки компромиси не се негови.
Лидија Димковска како поетеса, романсиерка и добитничка на Европската награда за литература изгради една од најприсутните македонски книжевни кариери во меѓународниот простор. Нејзиното дело ја претставува Македонија како космополитски, мигрантски и критички простор, а не како затворена национална приказна. Придонесот продолжува со секоја нова книга и превод што го внесува македонското искуство во книжевен разговор поголем од нашите граници.
Бројот десет е за Ана Дурловски и Могамед Ибрагимов.
Ана Дурловски настапуваше во Виенската државна опера, Берлинската државна опера и Метрополитен операта, достигнувајќи го највисокото рамниште на светската оперска уметност. Таквиот успех почнува како личен, но со својата величина престанува да ѝ припаѓа само на една биографија: со неа македонскиот глас не беше гостин од мала култура, туку рамноправен дел од најголемите светски продукции. Нејзиниот придонес продолжува на сцената и во мерилото што го поставува за сите што доаѓаат по неа.
Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал во борење на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година — првиот олимписки медал за независна Македонија. Со него државата првпат застана на олимпискиот пиедестал под сопственото знаме. Неговиот придонес продолжува да нè потсетува дека спортската историја не почнува од последниот медал што го памети телевизијата.
Бројот единаесет е за Ванчо Каранфилов и Калиопи Букле.
Ванчо Каранфилов освои параолимписко сребро во Атина и повеќе големи меѓународни медали во спортското стрелаштво. Неговата долга кариера го одржа македонскиот параолимписки спорт на светската сцена и го подготви теренот врз кој подоцна дојде и златото. Придонесот продолжува преку видливоста и достоинството што им ги даде на спортистите кои државата премногу често ги забележува само кога ќе освојат медал.
Калиопи Букле изгради една од најдолгите и најпрепознатливи македонски поп-кариери во регионот. Со авторски песни, извонреден вокал и настапи надвор од јазичните граници, го одржа македонскиот звук присутен и откако регионалниот културен простор престана да биде заедничка држава. Нејзиниот придонес продолжува секогаш кога песната ја прави своја, а сепак јасно се слуша од каде доаѓа.
Бројот дванаесет е за Индира Кастратовиќ и Сашко Кедев.
Индира Кастратовиќ беше предводничка на „Кометал Ѓорче Петров“ и на репрезентацијата во најуспешниот период на македонскиот женски ракомет. Нејзините голови и лидерство помогнаа европската титула од 2002 година да стане едно од ретките спортски искуства што целата држава го почувствува како свое. Нејзиниот придонес продолжува преку тренерската работа и преку знаењето што од една голема генерација мора да се пренесе на следната.
Сашко Кедев ги искачи сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри и ги комплетираше „Седумте врвови“. Независно од политичката биографија, тоа е редок светски алпинистички резултат што го внесе македонското име во една од најтешките човечки дисциплини. Неговиот придонес продолжува преку искуството што може да создаде побезбедна, поамбициозна и помалку импровизирана алпинистичка школа.
Бројот тринаесет е за Срѓан Керим и Радмила Кипријанова-Радовановиќ.
Срѓан Керим како претседател на Генералното собрание на Обединетите нации ја извршуваше највисоката глобална мултилатерална функција доверена на македонски претставник. За држава чија меѓународна борба почна со спор околу самото именување, тоа беше особено силна потврда на дипломатската видливост. Неговиот придонес продолжува преку искуството што може да ѝ помогне на македонската дипломатија да биде поголема од својата администрација.
Радмила Кипријанова-Радовановиќ изгради кариера како професорка по хемиско инженерство, деканка и прва жена ректорка на УКИМ, а потоа и како министерка, вицепремиерка и пратеничка. Таа ги поврза науката, управувањето со најголемиот универзитет и учеството во првите влади на независна Македонија. Нејзиниот придонес продолжува преку генерациите инженери и преку преседанот дека жена може да ја води најстарата и најголема високообразовна институција во државата.
Бројот четиринаесет е за Тамара Котевска и Никола Кљусев.
Тамара Котевска како корежисерка на „Медена земја“ стигна до две номинации за „Оскар“, преседан за документарен филм и најголемиот успех на македонската кинематографија на таа сцена. Покажа дека приказна од речиси невидлив агол на Македонија може да стане универзален филм за човекот, природата и границите на алчноста. Нејзиниот придонес продолжува со секој следен филм што нема да се обиде да го повтори успехот, туку повторно да види нешто што другите го одминале.
Никола Кљусев ја предводеше првата експертска влада кога независноста требаше да се претвори од политичка одлука во функционална држава. Под таа влада се поставуваа темелите на економската, монетарната, одбранбената и надворешнополитичката самостојност. Зад него остана државната инфраструктура без која референдумскиот резултат ќе беше само свечена изјава.
Бројот петнаесет е за Кирил Лазаров и Мирјана Лазарова-Трајковска.
Кирил Лазаров поставуваше светски рекорди, играше во европскиот клупски врв и две децении беше водач на репрезентацијата. Како играч, а потоа и селектор, ја претвори индивидуалната извонредност во систем на амбиција за македонскиот ракомет. Неговиот придонес продолжува онаму каде големиот играч може да остави и генерација што нема да зависи од него.
Мирјана Лазарова-Трајковска како судијка во Европскиот суд за човекови права и во други меѓународни правни тела ја претставуваше македонската правна мисла во европскиот систем за заштита на човековите права. Нејзината кариера покажува дека малата држава може да придонесува кон правилата според кои и самата се оценува. Тој придонес продолжува преку правните стандарди, јавниот збор и одбраната на независното судство кога дома најлесно се заборава зошто тоа постои.
Бројот шеснаесет е за Снежана Лупевска-Созен и Никола Маџиров.
Снежана Лупевска-Созен со истражувачките емисии и долгогодишната телевизиска работа отвораше теми што институциите и моќниците претпочитаа да останат затворени. Нејзиното место не произлегува од телевизиската препознатливост, туку од настојувањето новинарството да произведува јавна одговорност. Придонесот продолжува со секое прашање што нема да се повлече пред функцијата, рекламниот буџет или партискиот телефонски повик.
Никола Маџиров со поезијата преведена на десетици јазици стана еден од најпрепознатливите современи македонски автори. Неговите стихови за домот, отсутноста и поместените граници му дадоа на македонското искуство јазик што читателите далеку од Македонија го препознаваат како свој. Придонесот продолжува со секоја песна што ја носи нашата мала географија во големата книжевност без да ја објаснува или оправдува.
Бројот седумнаесет е за Денко Малески и Лабина Митевска.
Денко Малески, првиот министер за надворешни работи, учествуваше во создавањето на македонската дипломатија и во борбата за меѓународно признавање и прием во Обединетите нации. Ѝ помогна на државата да изгради глас пред да има широко признато име и целосно оформена дипломатска мрежа. Неговиот придонес продолжува преку јавната мисла што ја потсетува дипломатијата дека патриотизмот без разум најчесто е само скапа поза.
Лабина Митевска од актерка во „Пред дождот“ израсна во продуцентка што создава континуирано европско присуство за македонскиот филм. Преку „Сестри и брат Митевски“ помогна домашните приказни да добијат меѓународни копродукции, фестивалски пат и публика што една мала кинематографија тешко ја освојува сама. Нејзиниот придонес продолжува преку инфраструктурата што овозможува македонскиот филм да има следно дело, а не само славно минато.
Бројот осумнаесет е за Илинка Митрева и Милчо Манчевски.
Илинка Митрева стана првата жена министерка за надворешни работи и ја водеше дипломатијата во периодот на постконфликтна стабилизација и европско приближување. Нејзиниот мандат помогна надворешната политика да престане да биде исклучиво машки простор и се врза со добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ. Зад неа остана поотворена дипломатија и пат што државата, за жал, сè уште не успеала да го доврши.
Милчо Манчевски со „Пред дождот“ го освои „Златниот лав“ во Венеција и ја донесе првата македонска номинација за „Оскар“. Филмот ѝ даде на новата држава меѓународен културен идентитет во мигот кога светот допрва учеше дека постои. Неговиот придонес продолжува преку филмови што одбиваат Македонија да ја претворат во разгледница или во едноставна приказна за туѓа употреба.
Бројот деветнаесет е за Бо Мекејлеб и Светлана Мојсов.
Бо Мекејлеб беше моторот на кошаркарската репрезентација што го освои четвртото место на Европското првенство во 2011 година. Како натурализиран репрезентативец, стана доказ дека припадноста кон националниот тим се создава со посветеност, игра и заедничко паметење, а не само со место на раѓање. Неговиот придонес продолжува во споменот на генерацијата што ја натера државата да верува дека може да победи, против домаќинот и против сопствениот комплекс.
Светлана Мојсов, научничка родена во Скопје, беше клучна во идентификувањето на биолошки активниот GLP-1, научната основа врз која подоцна беа развиени револуционерни терапии за дијабетес и дебелина. Тоа не е успех создаден во Македонија, ниту заслуга на домашниот научен систем: македонска е научничката, а условите, истражувањето и признанието се американски и светски. Нејзиниот придонес и натаму се вградува во терапии што менуваат милиони животи и нè потсетува дека држава што сака да се гордее со успехот на своите луѓе мора еден ден да почне да создава и услови во кои таков успех ќе може да се роди дома.
Бројот дваесет е за Атиџе Муратова и Архиепископот Михаил.
Атиџе Муратова без професионална улога и без намера да стане јавна личност се претвори во човечкото лице на „Медена земја“. Нејзиното знаење, достоинство и правилото да се остави половина за пчелите му дадоа на светот симбол на природна рамнотежа, а на турската заедница видливост ослободена од фолклорен украс. Нејзиниот придонес продолжува додека тој едноставен глас нè потсетува дека природата не е неисцрпна каса од која човекот секогаш зема сè.
Архиепископот Михаил ја предводеше Македонската православна црква во првата деценија од независноста и ја обнови борбата за признавање како прашање на црковно достоинство и историски континуитет. Не го дочека канонското помирување, но го зачува барањето кога и државата и црквата истовремено бараа меѓународно место. Зад него остана истрајноста врз која можеше да се доврши процесот.
Бројот дваесет и еден е за Никола Младенов и Оливера Наковска-Бикова.
Никола Младенов го создаде „Фокус“ како простор за истражување, критика и политичка сатира во општество во кое слободното новинарство постојано плаќаше цена. Неговото значење не е во непогрешливоста, туку во одбивањето блискоста со моќта да стане услов за опстанок на медиумот. Зад него остана „Фокус“, но и празнината по новинарството што знаеше да биде лично, остро и незгодно без да бара ничија дозвола.
Оливера Наковска-Бикова го освои параолимпиското злато во Лондон и единствениот златен параолимписки медал за независна Македонија. Нејзиниот успех ја прошири претставата за тоа кој може да биде национален спортски херој и што значи врвна спортска способност. Придонесот продолжува со секој настап и со секоја бариера што нејзиниот пример ја прави потешка за оправдување.
Бројот дваесет и два е за Гордана Нацева и Дејан Недев.
Гордана Нацева беше голманка и капитенка на „Кометал Ѓорче Петров“ во походот кон европската титула во 2002 година. Нејзините одбрани станаа дел од колективната меморија на првиот македонски клупски трофеј во најсилното европско натпреварување. Нејзиниот придонес продолжува преку спортското лидерство и обврската таа титула да не остане прекрасен спомен без систем што може повторно да ја произведе.
Дејан Недев повеќе од две децении освојуваше европски и светски медали во системот на традиционалното карате, меѓу нив и светски титули во фуку-го и екипна ката. Тежината не е само во медалите, туку во континуитетот како натпреварувач, тренер и пренесувач на знаењето. Неговиот придонес продолжува преку учениците што треба да научат дека традицијата не се чува со повторување, туку со дисциплина и надградување.
Бројот дваесет и три е за Бујар Османи и Уранија Пировска.
Бујар Османи како министер за надворешни работи го предводеше македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година, во услови на војна и длабока блокада на организацијата. Претседавањето не ги реши нејзините кризи, но покажа дека македонската дипломатија може да управува со најголемата регионална безбедносна организација во еден од нејзините најтешки периоди. Неговиот придонес продолжува само ако искуството од меѓународното посредување се применува и дома, каде што компромисот премногу често се бара само од другиот.
Уранија Пировска повеќе од две децении ја врзува својата работа со документирањето на полициското насилство, дискриминацијата, затворските услови и другите повреди на човековите права. Нејзиниот придонес е во истрајноста државата да се мери според тоа како постапува со најслабите и со оние што ѝ се спротивставуваат. Тој придонес мора да продолжи сè додека институциите се навредуваат од надзорот повеќе отколку од сопствената злоупотреба.
Бројот дваесет и четири е за Есма Реџепова-Теодосиевска и Горан Пандев.
Есма Реџепова-Теодосиевска ја направи ромската музика составен дел од меѓународниот културен лик на Македонија и беше прогласена за ромска пејачка на милениумот. Нејзината светска кариера и хуманитарна работа ја претставија ромската заедница не како предмет на туѓа грижа, туку како создавач на национално и светско наследство. Зад неа остана глас што Македонија ја направи препознатлива без да го сокрие ромскиот јазик, звук и идентитет.
Горан Пандев освои Лига на шампиони и стана капитен на првата македонска фудбалска репрезентација што настапи на Европско првенство. Неговиот последен голем репрезентативен чин ја спои кариерата во светскиот фудбал со успехот што со децении ѝ недостигаше на државата. Придонесот продолжува преку фудбалската школа и обврската од големото име да создаде повеќе можности, а не само повеќе носталгија.
Бројот дваесет и пет е за Тоше Проески и Сенада Сали.
Тоше Проески создаде регионална популарност што не се темелеше само врз хитови, туку врз исклучителен глас, човечка непосредност и хуманост. По него остана ретко заедничко сеќавање што ги преминува државните, етничките и јазичните граници без да избрише од каде потекнува. Зад него останаа песните, но уште повеќе чувството дека добриот глас може да обедини без некој да замолчи.
Сенада Сали ја претвори правната помош за Ромите во конкретни постапки против сегрегацијата во училиштата, дискриминацијата на границите и институционалното исклучување. Нејзините случаи покажуваат дека човековите права не се општа декларација, туку можност неправдата да се именува, докаже и промени. Нејзиниот придонес продолжува со секој случај во кој граѓанинот што државата решила да не го гледа сепак ќе ја натера да одговори.
Бројот дваесет и шест е за Гордана Сиљановска-Давкова и Борко Станоевски.
Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше во Уставната комисија во почетоците на независноста, а потоа беше министерка без ресор и изгради долга професорска и меѓународна правна кариера. Во 2024 година стана првата жена претседателка на државата, а со неа жените првпат стигнаа до врховната командна и симболичка функција. Нејзиниот придонес допрва ќе се мери според тоа дали историскиот статус на прва претседателка ќе го претвори во подобра, поправедна и навистина натпартиска институција.
Борко Станоевски, првиот гувернер по независноста, беше меѓу луѓето што ја изведоа монетарната самостојност и го воведоа денарот. Во време на распад на заедничкиот пазар, санкции во соседството и висока инфлација, сопствената валута беше и економски инструмент и доказ дека државата почнала да функционира. Од неговиот мандат останаа денарот и централната банка како два од најопипливите темели на економскиот суверенитет.
Бројот дваесет и седум е за Луан Старова и Христина Спасевска.
Луан Старова, пишувајќи на македонски и албански, создаде книжевен мост меѓу културите и една од најзначајните интерпретации на балканските граници, преселби и идентитети. Неговата „Балканска сага“ ја направи сложеноста на Македонија европска книжевна вредност, а не домашен проблем. Зад него остана дело во кое двата јазика не се натпреваруваат кому му припаѓа приказната, туку заедно ја раскажуваат.
Христина Спасевска ја поврза универзитетската наука со применетото инженерство, иновациите, енергетиката и создавањето нови истражувачки капацитети. Нејзината работа покажува дека домашниот научен систем може да произведува знаење со практична вредност. Придонесот продолжува преку генерациите што треба да добијат причина да создаваат овде, а не само препорака успешно да заминат.
Бројот дваесет и осум е за Теона Стругар Митевска и Јан Стојановски.
Теона Стругар Митевска со филмовите за родот, религијата, слободата и општествената моќ ги внесе македонските судири во европската филмска дебата. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ покажа дека локалниот отпор кон една традиција може да проговори на универзален јазик. Нејзиниот придонес продолжува со филмови што ја изложуваат Македонија пред светот без да ѝ ја разубавуваат неправдата.
Јан Стојановски го освои првото македонско злато на Европската олимпијада по физика, по претходни европски и светски медали. Неговиот успех ја прошири приказната за младата научна извонредност од математиката кон физиката и покажа дека се појавува генерација, а не само еден талент. Неговата биографија допрва почнува; придонесот ќе стане поголем ако од медалот израсне знаење што ќе создава нова вредност и ќе се споделува.
Бројот дваесет и девет е за Алексиј Тасиќ и Тамара Тодевска.
Алексиј Тасиќ освои златен медал на Меѓународната математичка олимпијада и потврди дека успехот на најталентираните ученици не мора да биде осамен исклучок. Заедно со новата генерација олимпијци, постави повисоко мерило за она што македонското образование може да го препознае и поддржи. Неговиот придонес допрва треба да прерасне од исклучителен ученички резултат во научна работа со уште поширока вредност.
Тамара Тодевска со „Proud“ го освои жирито и го донесе најдобриот македонски пласман на Евровизија. Настапот прерасна од песна во порака за достоинството и видливоста на девојките и жените, а името на Македонија таа вечер беше слушнато во стотици милиони домови. Нејзиниот придонес продолжува со секој настап во кој гласот е поголем од спектаклот околу него.
Бројот триесет е за Савка Тодоровска и Борис Трајковски.
Савка Тодоровска со децении ја туркаше родовата еднаквост од декларација кон организација, законски промени и учество на жените во јавниот живот. Нејзината работа преку Националниот совет за родова рамноправност помогна женските права да станат постојано демократско прашање, а не пригодна тема. Придонесот продолжува сè додека постигнатите права мора повторно да се бранат од оние што ги сметаат за преголема отстапка.
Борис Трајковски во кризата од 2001 година настојуваше претседателската функција да биде место на дијалог и меѓународно посредување. Неговата улога во постигнувањето на Охридскиот договор останува пример дека во миг на војна најважното лидерство не е она што ветува победа, туку она што создава можност за мир. Зад него остана сликата на претседател што се обидуваше да зборува со сите кога речиси сите сакаа да зборуваат само за своите.
Бројот триесет и еден е за Симон Трпчески и Катица Ќулавкова.
Симон Трпчески со континуирани настапи со водечките светски оркестри и на најзначајните концертни сцени изгради меѓународна кариера со траење, а не со еден пробив. Преку „Македонисимо“ не само што настапува како уметник од Македонија, туку го преработува нејзиното музичко наследство во современ светски репертоар. Неговиот придонес продолжува секогаш кога таа музика звучи како дел од светот, а не како егзотична точка од неговата периферија.
Катица Ќулавкова со поезијата, есеистиката, преводите и работата во МАНУ создаде дело што ја внесе македонската книжевност во пошироки европски и светски разговори. Нејзината важност е и во упорното застапување на македонскиот јазик и културната меморија кога и двете повторно станаа политичко прашање. Нејзиниот придонес продолжува преку делото и преку јавниот спор, дури и тогаш кога нејзините ставови предизвикуваат повеќе несогласување отколку удобност.
Бројот триесет и два е за Верица Хаџи-Василева Марковска и Васил Тупурковски.
Верица Хаџи-Василева Марковска повеќе децении ги поврзува корпоративното управување, развојот на менаџерски кадри и унапредувањето на женското лидерство. Нејзиниот придонес не е една компанија или функција, туку создавањето професионална инфраструктура за економија што од почеток мораше да учи што значи одговорно приватно управување. Тој придонес продолжува преку кадрите и стандардите што треба да преживеат и кога проектите, донаторите и функциите ќе завршат.
Васил Тупурковски како специјален претставник во САД работеше на меѓународното позиционирање во првите години на независноста, а подоцна како вицепремиер ги водеше преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Неговата биографија ги поврзува двата рани напори: државата да биде признаена и потоа стратешки врзана со Европа. Неговиот придонес продолжува преку сведоштвото и искуството од времето кога македонската надворешна политика се создаваше без готов прирачник.
Бројот триесет и три е за Бранко Црвенковски и Маргарита Цаца-Николовска.
Бранко Црвенковски како долгогодишен премиер, претседател и потписник на Охридскиот договор учествуваше во стабилизирањето на државата, постконфликтната консолидација и добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ. Должината на владеењето носи и голема одговорност за пропуштеното, но и неспорно место во клучните државни пресврти. Неговиот придонес сега може да продолжи само преку искрено соочување со она што неговата генерација го постигна — и со она што го остави недовршено.
Маргарита Цаца-Николовска беше првата судијка од Македонија во Европскиот суд за човекови права и остана истакнат глас за уставноста и човековите права. Таа ја поврза младата држава со европскиот правен поредок и помогна правдата да се гледа како стандард над дневната политика. Нејзиниот придонес продолжува секогаш кога јавно нè потсетува дека власта не станува право само затоа што обезбедила мнозинство.
Бројот триесет и четири е за Ана Чоловиќ-Лешоска и Арбен Џафери.
Ана Чоловиќ-Лешоска ја предводеше кампањата со која беа запрени меѓународно финансирани хидроенергетски проекти во Националниот парк „Маврово“ и беше заштитено живеалиштето на балканскиот рис. Наградата „Голдман“ во 2019 година беше прва за Македонија, но поважно е што нејзиниот активизам произведе конкретна и трајна промена. Придонесот продолжува со секоја следна битка во која развојот ќе мора да докаже дека не значи уништување на она што не може повторно да се изгради.
Арбен Џафери беше еден од највлијателните политички и интелектуални претставници на Албанците и потписник на Охридскиот договор. Го принуди мнозинството да ги слушне прашањата за еднаквоста, јазикот и припадноста, но остана и критичар на ограничувањата на моделот што помогна да се создаде. Зад него остана политичка мисла што бара повеќе од учество во власта: бара државата повторно да одговори кому му припаѓа.
Бројот триесет и пет е за Талат Џафери и Радмила Шекеринска-Јанковска.
Талат Џафери стана првиот Албанец избран за претседател на Собранието по независноста, а потоа и првиот Албанец на чело на Владата, иако стануваше збор за техничка влада со ограничен мандат. Двете функции го означија постепеното отворање на институциите што предолго се подразбираа како резервирани за една заедница. Неговиот придонес продолжува само ако преседанот стане нормалност, а функцијата доказ за еднаква одговорност, не само за еднакво право на позиција.
Радмила Шекеринска-Јанковска ги поврза двете главни стратегиски цели на државата: од европските реформи и кандидатскиот статус до одбранбената трансформација и членството во НАТО. Изборот за заменик-генерална секретарка на Алијансата стана највисоката меѓународна функција што ја извршувала македонска политичарка. Нејзиниот придонес продолжува на место од кое успехот повеќе не се мери само според тоа колку високо стигнала една Македонка, туку што ќе направи со можноста што ја добила.
Историјата не е партиска плејлиста
Оваа листа изостави многу луѓе. Не затоа што немале вредност, туку затоа што седумдесет места се малку, а нашата навика да паметиме малкумина е преголема. Зад овие седумдесет остануваат лекари, наставници, научници, работници, претприемачи, уметници, новинари и активисти што направиле нешто важно без државата некогаш да се сети да им се заблагодари.
Но листата не е признание за животно дело, уште помалку потврда за морална беспрекорност. Некои од овие луѓе направиле и големи грешки. Некои поделиле онолку колку што обединиле. Некои заслужуваат благодарност за една одлука и одговорност за друга. Само незрелите држави веруваат дека заслугата е амнестија, а критиката — предавство.
Трите колумни почнаа со една песна од која беа избришани делови од државата. Завршуваат со седумдесет луѓе што покажуваат зошто Македонија не може да се раскаже со еден глас, една партија, една заедница и една дозволена верзија на минатото.
Државата не е караоке во кое секоја власт ја пушта истата матрица, го менува текстот и очекува сите да пееме во хор. Ниту историјата е партиска плејлиста од која со едно копче се бришат неподобните.
Вредните гласови не ја повторуваат песната. Ја прават своја. Овие луѓе направија нешто свое од Македонија — понекогаш големо, понекогаш храбро, понекогаш убаво, а понекогаш неопходно. Со тоа ја направија и малку повеќе наша.
