СДСМ: Единствениот државен ПЕТ-скенер не работи повеќе од еден месец

СДСМ

Опозициската СДСМ обвини дека единствениот државен ПЕТ-скенер во земјава не работи повеќе од еден месец, поради што онколошките пациенти повторно се упатуваат на приватна дијагностика.

Во партиско соопштение СДСМ тврди дека пациентите со малигни заболувања повторно се соочуваат со чекање и дополнителни трошоци, бидејќи ПЕТ-скенерот не е во функција.

Според опозицијата, министерот за здравство Сашо Клековски објаснил дека апаратот не е расипан, туку дека при редовен сервис бил откриен проблем со циклотронот, поради што нема суровини потребни за работа. Од СДСМ ги пренесуваат и наводите дека снабдувањето е отежнато поради рестрикции поврзани со маслото и потребата од дозволи од Белгија и САД.

„Ова не е објаснување туку признание за аматерски пристап кон единствената јавна дијагностика од овој тип во државата“, оценува СДСМ.

Опозициската партија тврди дека циклотронот и ПЕТ-скенерот функционираат како еден систем и дека без радиофармацевтик апаратот не може да се користи. Според СДСМ, проблемот со снабдувањето требало да биде предвиден и решен навреме, со оглед на значењето на ПЕТ-дијагностиката за пациентите со рак.

Од партијата го критикуваат и начинот на кој се спроведува сервисирањето, оценувајќи дека недостигот на критични материјали покажува отсуство на континуирано следење и план за алтернативно снабдување.

„Пациентите не можат да чекаат извозни дозволи. Полуживотот на материјалот е краток“, наведува СДСМ.

Опозицијата во соопштението ја поврзува состојбата со ПЕТ-скенерот и неодамнешните апели на Министерството за здравство граѓаните да ги испразнат базените и коритата поради ризикот од западнонилска треска. СДСМ ја критикува Владата што, како што наведува, во исто време инвестира и промовира изградба и отворање на базени, додека единствениот државен ПЕТ-систем не функционира.

Од СДСМ предлагаат договорите за одржување да опфаќаат и скенер и циклотрон, со задолжителна залиха на критични материјали и јасно дефинирани рокови за интервенција. Партијата бара и итно активирање на алтернативно снабдување со радиофармацевтици од соседните земји, како и објавување точни информации за датумот на повторното пуштање во функција на апаратот и бројот на пациенти кои чекаат.

„Сериозна влада планира, а не се фали со бројки од минатата година додека оваа година системот стои“, се наведува во соопштението.

СДСМ оценува дека случајот не треба да се третира само како технички проблем, туку како прашање на управување со системот на јавно здравство.

„Додека трае овој застој, одговорноста е јасна. Не кај сервисерот. Кај оние кои две години управуваат со системот и повторно дознаваат за проблемот дури кога машината веќе не работи“, порача опозициската партија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?