„Повторно на стаза“ во Маврово: Рециклирајте ја или дадете ѝ нов живот на спортската опрема, бидете дел од мрежата за размена

Маврово

На 23 август на тениското игралиште во Маврови Анови ќе се одржи „Повторно на стаза“, настан посветен на повторна употреба, поправка, размена и пренамена на спортската опрема. Настанот го организира Здружението за едукација, истражување и промоција на еколошки практики – БУКА, како дел од иницијативата за развој на пилот-модел за циркуларна спортска опрема во Маврово.

Во фокусот на настанот е прашањето што се случува со спортската опрема откако ќе престане да се користи. Скии, сноуборди, скијачки обувки, стапчиња, велосипеди, спортска облека, тениски рекети и друга опрема често со години остануваат во гаражи, подруми и викендички, иако дел од нив можат повторно да се употребат, поправат или пренаменат.

Спортската опрема најчесто е изработена од комбинација на пластика, синтетички текстил, гума, EVA пена, метал и други материјали, што ја прави сложена за рециклирање. Продолжувањето на нејзиниот животен век преку одржување, поправка, размена и повторна употреба е еден од начините да се намали создавањето отпад и непотребната потрошувачка на нови производи.

На настанот „Повторно на стаза“ посетителите ќе можат да се запознаат со практични начини за продолжување на животниот век на спортската опрема преку четири демонстративни пункта:

– Поправка и сервис на ски и сноуборд опрема – демонстрација на основно одржување и поправки со кои опремата може да се одржи во добра и безбедна состојба. Посетителите кои ќе донесат скии за размена, а успешно ќе ја реализираат размената, ќе имаат предност новиот пар да им биде сервиран.

– Поправка на спортска облека – практична демонстрација и поправка на оштетени патенти, шавови и помали оштетувања на спортска и планинарска облека, со цел таа повторно да може да се користи наместо да биде отфрлена.

– Пункт за поправка на велосипеди – основни интервенции и одржување, вклучително и подесување на сопирачки и менувачи, со кои може да се продолжи употребниот век на велосипедот.

– DIY – нова намена за стара опрема – презентација на можности за пренамена на стара и повеќе нефункционална спортска опрема во практични предмети и елементи со нова употребна вредност.

Во рамки на настанот ќе биде организирана и размена на спортска опрема. Граѓаните можат да донесат сочувана спортска опрема која повеќе не ја користат, но е функционална или може лесно да се поправи. Целта е опремата да продолжи да се користи од друг член на заедницата, наместо да остане неискористена или да стане отпад.

„Повторно на стаза“ е прв настан во рамки на поширока иницијатива со која БУКА ќе испитува можности за локален модел на циркуларно управување со спортската опрема во Маврово.

Маврово, како значаен спортски и туристички центар, има специфичен потенцијал за развој на ваков модел поради големиот број жители, посетители и домаќинства кои користат или поседуваат различни видови спортска опрема. Иницијативата има за цел да испита како принципите на циркуларната економија можат практично да се применат на локално ниво и да придонесат кон подолг животен век на производите.

„Повторно на стаза“ ќе се одржи на 23 август 2026, со почеток во 11:00 часот, на тениско игралиште, Маврови Анови. Настанот е дел од проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ е финансиран од Европската Унија. Лидер на проектот е People in Need (PIN), во партнерство со членовите на конзорциумот АРНО, ЛЕАД и Ековита.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?