Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата во септември ќе го претстави својот Мастер план за Македонија, со конкретни мерки за подобрување на животниот стандард, раст на платите и пензиите и поголема поддршка за младите. Во интервју за „Тема на денот“ на телевизија Сител, Филипче направи директна разлика меѓу приоритетите на СДСМ и актуелната власт, посочувајќи дека парите треба да завршуваат кај граѓаните, а не во набавка на нов владин авион.
„Не сме исти со организираната криминална група на Христијан Мицкоски. Напротив, дијаметрално сме спротивни. Ние сакаме држава напредна во којашто секој ја гледа иднината, а не ја гледаме државата како што тие ја гледаат, како плен“, рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ веќе има подготвени тим, програма и програмска платформа, а централниот политички документ што ќе биде претставен во септември треба да ги содржи главните приоритети на партијата за следните две години.
Според Филипче, Мастер планот ќе биде структуриран во пет до шест клучни точки преку кои граѓаните однапред ќе знаат што може да очекуваат доколку СДСМ ја добие нивната доверба.
„Имаме спремен тим, имаме спремна програма, имаме спремна програмска платформа и во текот на септември ќе го објавиме нашиот Мастер план за Македонија. Станува збор за план од пет шест точки во коишто граѓаните ќе знаат, доколку ни дадат доверба, што ќе се случува во следниот период од две години“, рече Филипче.
Како клучни приоритети ги посочи животниот стандард, платите, пензиите, како и училишните и студентските додатоци.
„Сакаме да имплементираме политики за доброто на граѓаните, со стандард, плати, пензии, училишни, студентски додатоци, а не да купуваме нов авион како што сака Христијан Мицкоски“, потенцираше претседателот на СДСМ.
Филипче направи споредба и со политиките на претходната влада за време на ковид кризата и енергетската криза.
Според него, во тој период преку повеќе пакети мерки биле обезбедени околу две милијарди евра помош за граѓаните и компаниите, биле зачувани десетици илјади работни места, а електричната енергија била субвенционирана за повеќе од 600.000 семејства.
Тој потсети дека финансиска помош добивале социјално ранливи категории, пензионери и млади и оцени дека токму таков пристап треба да има државата во периоди на економски притисок.
„Луѓе со социјални случаи, пензионери, млади луѓе добиваа пакети, мерки. Така се менаџира кризата. Што имаме сега? Која категорија на граѓани е заштитена? Ниту една“, рече Филипче.
Тој додаде дека и во време на криза платите растеле и посочи дека минималната плата во периодот на претходната власт била зголемена трипати.
Филипче повторно ја отвори и темата за барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра, критикувајќи го премиерот Мицкоски што не го прифаќа ваквиот предлог.
„Сега не сака да ја зголеми премиерот на 600 евра, а вика дека сме трета економија во Европа. Па, ја кажува ли вистината? Очигледно дека не ја кажува“, рече Филипче.
