Натписите со името на Тито на чекор да станат културни споменици во Словенија

Тито

Словенија би можела да ги заштити натписите „Тито“ на Саботин и во Декани како културни споменици. Првиот натпис бил поставен во 1953 година, а оној во Декани подоцна, пишува хрватскиот весник Јутарњи Лист.

Општина Нова Горица доставила иницијатива камената композиција „Тито“ да биде прогласена за културен споменик од локално значење. Бидејќи натписот на Саботин се наоѓа во заштитено подрачје, на регистрирано културно наследство од Првата светска војна, веќе е предвиден режим на заштита. Слична иницијатива има и во Декани, каде што над селото исто така се наоѓа огромен натпис „Тито“.

Како што објави словенечката телевизија РТС СЛО, натписот „Тито“ на Саботин по Осмиското разграничување останал во Италија, а во 1978 година младинци и војници го преместиле на словенечката страна.

– Нему му припаѓаат заслугите што градот Нова Горица и Приморска се припоени кон Словенија. Тоа сакаме да го зачуваме и тоа многу ни значи – вели Александар Шкрљ од Граѓанската иницијатива „Наш Тито“.

Композицијата во Декани е поголема од онаа на Саботин, а ја изградиле локалните жители, волонтери, па дури и ученици од основното училиште.

– Луѓето ќе бидат свесни дека станува збор за личност која ни помогна да бидеме тоа што сме денес, да го имаме нашиот јазик, да се ослободиме од нацизмот и фашизмот – вели Денис Опатич од Здружението на борците од Декани.

Заводот за заштита на културното наследство истакнува дека натписот во Саботин веќе се наоѓа во подрачје на регистрирано културно наследство од Првата светска војна и таму веќе е предвиден режим на заштита, додека натписот во Декани не е запишан во регистарот и ќе биде потребна стручна процена. Првите две букви се наоѓаат на подрачје на археолошко наоѓалиште.

Матеја Седмак од Институтот за општествени науки при Словенечката академија на науките и уметностите во Копер вели дека на иницијативата треба да се гледа надвор од политичките поделби и спорови, туку во контекст на заложбите на семејствата и локалната заедница.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?