Јотова повторно ја отвори темата за Бугарите во Македонија, Софија ќе ги штитела нивните права

Јотова

Бугарската претседателка Илијана Јотова повторно ја отвори темата за положбата на Бугарите во Македонија и порача дека Софија нема да се откаже од нив и ќе продолжи да ги штити нивните права. Пораката ја испрати вечерва од историската локација Петрова нива, каде учествуваше на одбележувањето на 123 годишнината од Илинденско Преображенското востание.

Јотова во својот говор ги поврза актуелните македонско бугарски односи со историските прашања што со години се една од главните точки на спор меѓу Скопје и Софија.

Таа оцени дека денес за Бугарите во Македонија се зборува со многу омраза и поделби и порача дека политичарите, но и општествата, треба да се спротивстават на таквиот говор.

„Нема да се откажеме од вас и ќе ги чуваме вашите права“, порача Јотова.

Според неа, историјата меѓу Македонија и Бугарија е заедничка и не треба да биде причина за нови поделби. Јотова праша што има да се дели меѓу двете земји и оцени дека почитувањето на човековите права не треба да се третира како политичка декларација.

Пораката доаѓа во чувствителен период во односите меѓу Скопје и Софија, додека уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав остануваат услов за продолжување на европскиот пат на Македонија.

Бугарија во изминатиот период повеќепати инсистираше дека нема да отстапи од барањето за гарантирање на правата на Бугарите во Македонија. Македонската Влада, пак, бара дополнителни гаранции дека со евентуалните уставни измени нема да следуваат нови билатерални услови на патот кон Европската Унија.

Јотова вечерва не најави нова конкретна политичка иницијатива кон Скопје, туку повторно ја потврди долгогодишната бугарска позиција дека прашањето за Бугарите во Македонија ќе остане дел од политиката на Софија.

Таа истовремено испрати порака дека историската меморија треба да се пренесува на идните генерации, но дека погледот мора да биде насочен и кон иднината.

Настанот на Петрова нива се одржува под покровителство на бугарскиот претседател. Јотова присуствуваше на поменот за загинатите во востанието, а потоа се обрати на централната церемонија пред меморијалот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?