„Добри луѓе“ вечерва пред македонската публика: Манчевски ја носи приказната за Кочани на „МакеДокс“

Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски вечерва ќе ја има својата македонска премиера на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Проекцијата е закажана за 21:00 часот во Куршумли ан, а билетите за премиерата се распродадени.

Филмот ја носи пред публиката приказната за Кочани преку гласовите на луѓето чии животи засекогаш се променија по пожарот во дискотеката „Пулс“ – преживеани, членови на семејствата на загинатите и луѓе кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат животи.

„Добри луѓе“ е снимен со мала филмска екипа, само еден месец по трагедијата од 16 март 2025 година, во која загинаа 63 лица. Наместо реконструкција на настаните или обид трагедијата да се објасни од дистанца, Манчевски го насочува филмот кон сведоштвата и личните искуства на луѓето кои биле таму.

Тоа е и основата врз која е изграден документарецот односно просторот да им се остави на оние што ја носат загубата, сеќавањата и последиците.

„Хероите не се војсководците, туку добрите луѓе“, вели Манчевски, објаснувајќи ја идејата што стои зад насловот на филмот.

Светската премиера на „Добри луѓе“ се одржа на 16 август во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал. По проекцијата следувала долга тишина во салата, а потоа и аплауз од публиката. Манчевски тогаш рече дека во таа тишина ја почувствувал тагата на Кочани што ја препознала и публиката надвор од Македонија.

Филмот беше забележан и по својот воздржан пристап. Наместо драматизација, камерата останува со соговорниците и нивните сведоштва, оставајќи ја тежината на кажаното да зборува сама за себе.

Македонската премиера вечерва во Куршумли ан доаѓа една недела по првото прикажување во Сараево. Распродадената проекција покажува голем интерес на домашната публика за филмот, но вечерта во исто време носи и посебна тежина, приказната снимена во Кочани за првпат ќе биде прикажана пред македонска фестивалска публика.

По „МакеДокс“, „Добри луѓе“ од 26 август ќе се прикажува и во скопскиот „Синеплекс“. За тие проекции е најавено дека целиот приход од билетите ќе биде дониран преку „Сапорт Кочани“ за помош на погодените од трагедијата.

Манчевски го реализираше документарецот со сопствени средства, без финансиско учество на Агенцијата за филм. Во средиштето на филмот не се институциите, ниту политичките толкувања на трагедијата, туку луѓето, оние кои преживеале, оние кои изгубиле блиски и оние кои во ноќта на пожарот избрале да помогнат.

Вечерва, под сводовите на Куршумли ан, нивните гласови ќе стигнат и до македонската публика.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?