МАПА: Каде сè уште гори во Македонија, активни пожари во осум општини

По еден од најтешките денови за противпожарните екипи ова лето, Македонија и неделното утро го дочека со активни огнени жаришта. Од 31 пожар на отворен простор регистриран во изминатото деноноќие, осум сè уште се активни, а 23 се изгаснати, покажува утринскиот пресек на Центарот за управување со кризи.

Најдраматично во текот на ноќта било во прилепското село Бонче. Силниот ветер го туркал огнот кон населеното место, а пламените јазици се доближиле до последните куќи. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека била избегната голема трагедија благодарение на интервенцијата на пожарникарите и доброволците.

Каде сè уште има активни пожари?

Во Прилепско активен е пожарот кај Бонче, каде гори ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Во поширокото скопско подрачје продолжува пожарот меѓу Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и над Вражале. Зафатена е мешана шума. Кај Палиград, на планината Китка, огнот во еден момент се доближил на околу сто метри од последните куќи, а во гаснењето се вклучени и трите „ер трактори“.

Во Студеничани гори кај Цветово, на стариот пат кон Елово, каде се зафатени ниска вегетација и ниска шума.

На територијата на Македонски Брод активни се жаришта кај Видуш, Драгов Дол и Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Кичевско пожарот е активен кај Тајмиште, во месноста Дарда, каде е зафатена високостеблеста букова шума.

Во Врапчиште активни се пожарите во реонот на Ломница и Ѓурѓевиште, каде гори мешана шума.

Огнот сè уште е активен и кај Церово во општина Маврово и Ростуше, како и кај Церово во општина Желино, каде се зафатени ниска вегетација и папрат.

Од ДЗС предупредуваат дека условите остануваат ризични поради високите температури, сувата вегетација и ветерот. Ангелов оцени дека состојбата останува алармантна и апелираше на исклучителна внимателност, бидејќи и една искра може да предизвика нов пожар.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?