Само четири дена откако понуди половина милион евра за информација што ќе доведе до апсење на Радоје Звицер, Црна Гора ја повтори истата понуда за уште еден бегалец од кругот на кавачкиот клан. Министерството за внатрешни работи нуди 500.000 евра за информација што директно ќе доведе до пронаоѓање и апсење на 43 годишниот Љубо Миловиќ, поранешен црногорски полицаец по кого е распишана црвена потерница на Интерпол.
Миловиќ се бара поради сомнение за цела низа тешки кривични дела, меѓу кои создавање криминална организација, помагање при обид за убиство, шверц, перење пари, трговија со дрога, предизвикување општа опасност и недозволено поседување оружје и експлозивни материи.
Наградата е официјално објавена од Управата на полицијата на Црна Гора на 24 август. Таа ќе биде исплатена за точни информации кои можат директно да доведат до негово лоцирање, пронаоѓање и лишување од слобода.
Само четири дена претходно, на 20 август, идентична награда од 500.000 евра беше понудена и за Радоје Звицер, кого црногорските власти го означуваат како водач на кавачкиот криминален клан. И по него е распишана црвена потерница на Интерпол, а Црна Гора го бара поради сомнение за повеќе убиства, организиран криминал, трговија со дрога, оружје и перење пари.
Врската меѓу Миловиќ и Звицер не е само дел од полициските сомневања.
Во јуни годинава Вишиот суд во Подгорица првостепено го осуди Миловиќ на четири години затвор за создавање криминална организација, во предмет во кој обвинителството тврдеше дека тој бил поврзан со кавачкиот клан и дека до Звицер стигнувале полициски информации за движењето на Јован Вукотиќ, тогашен водач на спротивставениот шкаљарски клан.
Само еден месец подоцна следуваше уште потешка првостепена пресуда.
Во друг голем предмет пред Вишиот суд во Подгорица, Миловиќ во јули беше осуден на 19 години затвор. Во истиот процес Петар Лазовиќ доби 20 години, а Радоје Звицер максимални 40 години затвор. Пресудата не е правосилна.
Според обвинението во тој предмет, криминалната организација дејствувала во Црна Гора, но и во Јужна Америка, Африка, Европа и Австралија. Обвинителството ги поврзува членовите со трговија со дрога и цигари, убиства и други тешки кривични дела.
Името на Миловиќ стана пошироко познато откако европската полициска агенција Европол достави материјали од дешифрираната комуникација преку платформата Sky ECC. Во тие материјали, според истражувањата на црногорските медиуми, Миловиќ се појавува во комуникации со лица поврзани со кавачкиот клан, а Европол уште во 2021 година сугерирал дека неговата можна улога треба да биде предмет на приоритетна истрага.
Црногорските истражители во повеќе постапки тврдат дека поранешниот полицаец не бил само човек кој имал контакти со криминалното подземје, туку дека неговото познавање на полицискиот систем и пристапот до информации биле значајни за криминалната структура.
Во еден од предметите, обвинителството тврдеше дека полициски информации за движењето на Јован Вукотиќ преку Миловиќ стигнувале до Звицер. Вукотиќ подоцна, во 2022 година, беше убиен во Истанбул.
Последната награда покажува дека Подгорица очигледно го засилува притисокот врз најбараните лица поврзани со кавачкиот клан.
Прво за Звицер, а сега и за Миловиќ, државата става по 500.000 евра на маса за информација која ќе заврши со апсење.
Тоа значи дека само за овие двајца бегалци Црна Гора е подготвена да исплати вкупно еден милион евра доколку добие информации што ќе доведат до нивно пронаоѓање и лишување од слобода.

