Огнот не запира кај Градско: линија од над 10 километри се движи кон Подлес

Прилеп

Големиот пожар во Општина Градско вечерва останува еден од најсериозните активни пожари во земјава. Огнената линија се протега на околу десет километри, а по привременото стабилизирање на состојбата огнот повторно се проширил од реонот на Горно и Долно Чичево во правец на селото Подлес. Паралелно, борбата продолжува и на планината Китка, каде селото Палиград е надвор од непосредна опасност, но надлежните предупредуваат на повторни намерни потпалувања.

Пожарот кај Градско избувна во вторникот претпладне во атарот меѓу Горно и Долно Чичево. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, првичните сознанија биле дека огнот најверојатно тргнал од стрниште, по што силниот ветер и исклучително сувата трева предизвикале негово брзо ширење.

Во првите часови директно биле загрозени Горно и Долно Чичево. На терен пристигнале пожарникари од Велес, Кавадарци и Неготино, додека локални жители со трактори правеле противпожарни пресеци за да го запрат огнот пред населените места.

Во гаснењето биле пренасочени и трите „ер-трактори“ на ДЗС кои претходно дејствувале на Китка, а во интервенцијата се вклучил и полициски хеликоптер.

ПОЧЕТНАТА КОНТРОЛА НЕ ИЗДРЖА, ОГНОТО ПРОДОЛЖИЛ КОН РИДОВИТЕ

Во текот на попладнето од терен пристигнуваа променливи информации за состојбата. Во еден момент пожарникарите успеале да го запрат ширењето кон селата, но контролата не траела долго.

Ангелов информираше дека сувата трева горела исклучително брзо, пожарникарите на дел од линијата останале без вода, а огнот продолжил кон ридскиот и тешко пристапен терен.

Дополнително биле испратени четири огнени тима на ДЗС со специјални теренски возила „пинцгауер“. Фокусот на екипите бил насочен кон заштита на лозјата, овоштарниците и шумскиот појас во правецот во кој се движел пожарот.

Според последните теренски информации објавени вечерва, пожарот продолжил во правец на Подлес, а огнената линија се протега на повеќе од десет километри. Голем дел од теренот е карпест и непристапен за возила и пожарникарски екипи.

Во непосредна близина има и борова шума, поради што екипите се обидуваат да спречат огнот да навлезе во погустата шумска вегетација.

Причината за пожарот засега не е официјално утврдена.

Ангелов во првичната изјава посочи дека пожарот најверојатно тргнал од стрниште. Градоначалникот на Градско, Киро Нацков, од друга страна, за Телма изјави дека според неговите сознанија пожарот бил подметнат.

Додека не заврши увидот и надлежните институции не ја утврдат причината, не може со сигурност да се тврди дали станува збор за намерно палење, невнимание или друг причинител.

Сосема поинакви се информациите за пожарот на Китка.

НА КИТКА НОВИ ЖАРИШТА, ПАЛИГРАД ЗАСЕГА Е БЕЗБЕДН

Пожарот во поширокиот реон на Китка, Студеничани и Зелениково продолжува и по повеќедневната интервенција. ЦУК претходно информираше дека сите расположливи ресурси биле насочени кон спречување огнот да стигне до населените места.

По тешката интервенција во текот на ноќта, Палиград е надвор од непосредна опасност.

Но, според Ангелов, при повлекувањето на една од пожарникарските смени била забележана нова огнена линија, долга речиси еден километар, која на повеќе места била запалена под асфалтниот пат.

Тој тврди дека пожарот на Китка повеќепати бил изгаснат или значително намален, по што повторно се појавувале нови жаришта на позиции што не можат да се објаснат со природно префрлање на пламенот.

Ангелов ги повика жителите на околните села да помогнат во откривањето на лицата за кои надлежните се сомневаат дека намерно го потпалуваат теренот.

ЦУК претходно соопшти дека во реонот на Каршијак биле ангажирани противпожарната бригада на Скопје, екипи на „Национални шуми“, ДЗС и воздушни сили. Директорот на ЦУК, Мухамет Али, денеска беше на терен и информираше дека приоритет е заштитата на Китка и спречувањето на огнот да се приближи до населените места.

Развојот на пожарот кај Градско во текот на попладнето наложи дел од воздушните ресурси што дејствуваа на Китка да бидат итно пренасочени кон Горно и Долно Чичево.

Гаснењето на двете големи жаришта продолжува во услови на сува вегетација, ветер и тешко пристапен терен, а состојбата на пожарните линии може брзо да се менува.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?